Приведен управителот на „Мош“ поради организирање забава без дистанца и маски

Синоќа е приведен управителот на кафе-барот „Мош“ поради сомнение дека сторил кривично дело, кршење на здравствени прописи за време на епидемија, информираат од влада  по реакциите во јавноста дека овој угостителски објект организирал забави без никакви почитувања на протоколите против коронавирусот.

„Лицето М.Д. не го применувал протоколот за отворање и работа на угостителски објекти за исхрана и протоколот за отворање на кафетерии, како и здравствените прописи за време на епидемија. Конкретно, организирал музички настан – концерт каде што помеѓу гостите не се почитувало дозволеното растојание од 1,5 до 2 метри и повеќето лица не носеле заштитни маски на лицето, и не биле исполнети и други одредби од пропишаните здравствени протоколи“, соопштија од Владата.

Тие тврдат дека управителот бил предупреден за непочитување на  протоколите, но ги игнорирал укажувањата да ги почитува мерките против пандемијата.

„Притоа, полициските службеници издадоа 38 платни налози на гости во локалот што не носеле заштитни маски, а од страна на ДПИ констатирано било дека не се почитува растојанието меѓу масите од 1,5 метар“, велат од Владата.

Освен тоа, во истиот објект била повикан и Инспекторатот за животна средина од Oпштина Центар, која извршила мерење на бучавата во локалот.

„Притоа е констатирано дека таа била над дозволените граници, за што дополнително ќе биде доставена прекршочна пријава од Инспекторатот за животна средина“, додаваат од Владата.

Оттаму информираат и дека Државниот пазарен инспекторат вчера спровел над 100 контроли низ целата држава. Кај 19 субјекти се изречени казни за непочитување на здравствените протоколи и други прекршоци во надлежност на ДПИ и 4 за непочитување на работно време.

Total
0
Shares
Поврзани објави