Сите ќе ги знаат имињата на оние кои одбиваат да бидат во самоизолација

Околу 450 граѓани јавно ќе си ги прочитаат имињата во весник или на сајтот на Министерството за здравство, зашто не сакале да ги земат решенијата за самоизолација.
Со давање на лажна адреса, непостоечки телефоски број или одбивање да го примат документот бидејќи не е двојазичен, овие лица наместо во 14-дневен домашен карантин според здравствените власти се потенцијална опасност од ширење на корона вирусот.
Ова денеска го потврди иминистерот за здравство Венко Филипче.

– Утрово уште еднаш дискутиравме на состанокот на Комисијата за заразни болести како да го решиме овој проблем. Станува збор за 450 решенија за кои очекувавме помош од МВР, но тие не се поделија, ги вратија назад. Веројатно дека денеска или најдоцна утре ќе започнеме таканаречена јавна објава зашто, едноставно, луѓето не се достапни или даваат погрешни податоци во анкетните листови. Тоа се луѓе кои се огромен ризик ако се асимптоматски носители на вирусот и доколку се движат помеѓу луѓе и непочитуваат самоизолација може болеста да ја шират-изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев вели дека полицијата не може да влегува во приватни објекити и на семејни слави без налог од обвинителството. Оваа изјава на Чулев доаѓа по вчерашната прозивка од државниот санитарен и здравствен инспекторат дека МВР требало да интервенира на собирите каде имало и по 200 присутни а од кои потоа се создале фамилијарните кластери.

-ОЈО во одредени случаи ни дава такви налози, а во други не ни ги издава.-Во ситуација кога не може да се дејствува веднаш вршиме препознавање на лицата и потоа се повикуваат во полициска станица и им се поднесува соодветен поднесок до Јавното обвинителство. Неопходно е граѓаните сами да бидат свесни и да носат заштита опрема зашто со доаѓањето на изборите претпоставувам дека сите тие мерки уште повеќе ќе бидат олабавени, најверојатно ќе се отворат границите од следната недела и граѓаните сами треба да бидат свесни за ризикот од заразата-рече Чулев.

Викендот ќе се разговара за отворање на границите и слободен проток на граѓаните без ПЦР тестови и карантин. Конечната одлука би можела да биде донесена уште на почетокот на идната недела.

Во понеделник на состанок со Комисијата за заразни болести ќе бидат скопските градоначалници од кои ќе биде побарано на локално ниво да дејствуваат за поголемо почитување на мерките за заштита.

Total
0
Shares
Поврзани објави