Србија и Косово со посредство на Трамп ги нормализираа економските односи

Претседателот на Србија Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдула Хоти денеска во Вашингтон со претседателот на САД, Доналд Трамп потпишаа договор за нормализација на економските односи на двете земји.

Трамп оцени дека потпишувањето на договорот претставува „многу важен чекор за кој била потребна голема храброст на Вучиќ и Хоти, двајца големи лидери“.
„Ова е навистина историски ден, Србија и Косово сакаат економска соработка и напредок. Сакам да им се заблагодарам на обајцата“, рече Трамп.

„Беа потребни децении затоа што немаше никој кој ќе ја заврши работата. Имаше многу борби, а сега има многу љубов“, рече Трамп. 
Договорот не предвидува меѓусебно признавање на двете држави. 
Советникот за национална безбедност на американскиот претседател Роберт Обрајен рече дека е „потпишан многу важен договор за економските врски“.
„Тоа е прв чекор на патот, а подоцна ќе дојдеме и до некои други решенија. Денес сме фокусирани на нормализација на економските односи на двете земји, вклучително и на прашањето за граничните премини“, рече Обрајен.

Српскиот претседател Вучиќ изјави дека неговата земја не потпишала договор со Косово, туку со САД.

„Потпишавме билатерален договор со САД, ова не е трилатерален договор. Третата страна не е признаена како субјект во меѓународното право што беше многу важно за нас“, рече Вучиќ.

Косовскиот претседател Хашим Тачи го поздрави потпишувањето на договорот како историски чин.

Во рамките на постигнатиот договор, Приштина се согласила да го признае Израел и да отвори амбасада во Ерусалим, исто како и Белград. За возврат и Израел експресно го призна Косово.

„Косово е првата муслиманска држава која ќе отвори амбасада во Ерусалим“, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вечерва.

Total
0
Shares
Поврзани објави
Повеќе

Почина Илинка Митрева

Почина поранешната министерка за надворешни работи и пратеничка Илинка Митрева, објави СДСМ.Од партијата изразија сочувство до семејството на…