Царевка Виличиќ од Куманово е една од двајцата живи борци на Народно ослободителната борба. Во длабока старост секоја година на големите национални празници им одава почит на своите соборци, кои ја немале среќата како неа да ја видат Македонија слободна.
Во продолжение прочитајте ја приказната за Царевка Виличиќ, која некогаш го носела презимето Велковска.
Таа октомвриска ноќ 1944 година, кога слободата го покажуваше своето румено лице, борците на Третата македонска ударна бригада чекореа по билата од десната страна на реката Треска, недалеку од Скопје. Уморни, гладни, изнемоштени чекореа по стрмниот планински пат што се спушташе кон реката.
Желбата за поубада иднина беше поголема и од студот и од ноќната темница, и од офкаќања на ранетите. Уште малку остануваше до плодовите на нивното големо дело, уште малку па крај на крвопролевањето и окупаторското угнетување, уште малку до остварувањето на желбите.
Одеднаш, грмотевица, светлина од гранати и пушкомитралези, од ново леење крв. Мораше да се прегази надојдената Треска.
Две другарки, едната ранета во стомакот, а другата со крвава десна рака, а во левата пушкомитралез, ја газеа реката. Водата им досегаше скоро до градите. И во моментот пред да излезат од водата два балистички кундака ги удрија по главите. Паднаа онесвестени во студената вода на Треска. А откако ги извлекоа од водата, балистичките кучиња се нафрлија на својот плен. Не гледаа каде и со што дираа. Сепак и двете останаа живи.
– Како се викате? – ги запраша балистот Џемо.
– Јас сум Царевка Велковска од Куманово.
– Албанка ли си или Турчинка?
– Јас сум Македонка – додаде изнемоштената девојка.
Силен удар по градите.
Царевка во НОБ