Украдени боци со кислород кобно за починатиот планинар д-р Петков на Монт Еверест

Водачот на Меѓународната Еверест експедиција 2018 во која беше и гевгелискиот алпинист д-р Георги Петков, англичанецот Тим Моусдејл на социјалните мрежи преку кои известуваше за текот на мисијата објави дека им се украдени боците со кислород, објавува детали за последните денови на планинарот д-р Петков, гевгелија нет.
Тоа го констатирале на 18 мај во вечерните часови. Екипата била видно вознемирена од недостатокот на опремата – боците со кислород, бидејќи тие се неопходни на висини над 4-5.000 метри, поради разредениот воздух и слабата концентрација на кислород. Наместо редовната почивка во 19 часот, кога членовите на експедицијата одат на спиење, зошто искачувањата им почнуваат со првите зраци на зората во 3:30 часот, таа ноќ останале без сон дури до 8:56 вечерта кога е објавен постот.

„Боци со кислород им недостасуваат на неколку тимови, како и на нашиот тим. Тоа не само што го загрозува текот на експедицијата, туку и животот на планинарите. Какво гадно однесување“ напишал водачот на групата меѓународни алпинисти Тим Моусдејл.
Во коментар на постот следбеник на Еверест Експедицијата 2018, Karen Appleby напишал, обраќајќи му се на водачот на експедицијата – Тим:
„Не можам да верувам дека луѓето го прават тоа повторно оваа година, Тим. Навистина, тимската работа потребна за искачување на ова ниво ќе ги научи луѓето да не прават нешто толку себично и одвратно. Дали нивните лидери на експедицијата не ги водат правилно, или дали се соучесници во кражбата? Ако некој умре, во најмала рака ќе биде виновен за убиство!“
Во истиот пост Тим со искажаната гружа за украдените боци кислород, лидерот на Еверест Експедицијата 2018 најавува дека тој, Марк и Георги Петков утрешниот ден 19 мај тргнуваат од базниот Камп 2 на нова висинска точка од Еверест – Кампот Ц 3 кој се наоѓа на 7.200 метри надморска височина.

Така и бидна. Утредента, иако без опрема со кислород, трочлениот тим на алпинисти се упатил и стасал на Кампот 3. Бидејќи се поминала висинска релација од близу 2.000 метри за еден ден, екипата останала да преноќи една вечер, за следниот ден на 20 мај утрото да се упатат на финалната рута на освојување на врвот Монт Еверест со додатните 1.648 метри висинска разлика до врвот (8.848 м.н.в.)

На висина од 7.200 метри, пред подготовките за искачување кон врвот Монт Еверест нашиот гевгелиски планинар и алпинист д-р Георги Петков, колабирал и му престанала срцевата активност.

Тамошните членови на екипата, изјавиле дека се работи веројатно за срцев удар, бидејќи не се освестил после колабирањето.

Со жалната и тешка вест која одекна во Гевгелија за смртта на д-р Георги Петков, речиси на чекор до остварување на својот сон, искачувањето на „покривот на светот“ како тој, а и останатите го нарекуваат врвот Монт Еверес, негови колеги интернисти од Општата Болница во Гевгелија, каде Георги работеше како лекар специјалист – инфектолог, се посомневаа во дијагнозата и дадоа оценка дека сигурно се работи за „cardiac arset“ – престанок на работа на срцето поради недостаток на кислород, објавува порталот Гевгелија нет.
„Срцевиот арест е нагло губење на функцијата на срцето кај лице кое можеби, или не мора да има дијагностицирана срцева болест. Времето и начинот на смртта се неочекувани. Се јавува веднаш или кратко по појавата на симптомите“, велат од Американската здравствена Асоцојација.
Најчеста причина за срцев арест е коронарната болест, а такви проблеми немал доктор Петков. Помалку чести причини се недостаток на кислород, многу низок калиум, срцева слабост и интензивна физичка активност. Симптомите на срцев арест се ненадејни и кобни, а се манифестираат со: ненадеен колапс, немање пулс, престанок на дишењето и губење на свеста. Дијагнозата се потврдува со немање пулс, бидејќи запира протокот на крв кон остатокот од тело. И, токму недостатокот на боците со кислород дополнето со интензивната физичка активност со искачувањето од Камп 2 до Камп 3, биле пресудни за срцевиот арсет за д-р Петков.

информацијата и фотографиите се превземени од порталот Гевгелија нет

Total
0
Shares
Поврзани објави