Вечерва во Македонија ќе пристигне војникот од Африка суспектен на јужноафрикански сој, место за паника нема

Доцна вечерва во Македонија ќе пристигне воено лице кое е на мисија во Централно Африканската Република и за кое се верува дека е позитивен на јужноафриканскиот сој на коронавирус. Ова за „Слободен печат“ го потврди министерот за здравство Венко Филипче.

Уште во текот на вчерашниот ден тој изјави дека пациентот ќе биде хоспитализиран на Инфективната клиника во Скопје.

Наши извори од Клиниката брифираат дека по ваквата изјава на министерот веќе се чувствува мала доза на паника, бидејќи е познато дека овој вирус се шири побрзо од останатите соеви на коронавирус.

Сепак, инфектологот со кој разговараше „Слободен печат“ вели дека нема потреба да се крева паника, дури и резултатите од тестирањето да покажат дека военото лице навистина е позитивно на јужноафриканскиот сој на коронавирус.

-Апсолутно не сметам дека ќе направи разлика дали пациентот е позитивен на јужноафрикански сој, или британски сој. Ние повеќе од една година се занимаваме со проучување на овој вирус, така што сме подготвени да реагираме согласно потребите на пациентот. Истиот ќе биде сместен во изолирано одделение, веднаш по приемот и исто така ќе ја добие неопходната медицинска терапија, а за текот на лекувањето немаме никакви очекувања, се уште не знаеме како ќе се одвиваат работите, вели нашиот извор од Инфективната Клиника.

Заболениот македонски офицер е во Африканската Република во улога на обучувач на локалните воени сили, заедно со уште еден негов колега од Македонија.

Извор: slobodenpecat.mk

Total
0
Shares
Поврзани објави