Во Албанскиот театар во Скопје се вложија над 10 милиони евра, кровот пак капе

Реновирањето на Албанскиот театар во Скопје го надмина секој рок за реализација. Иако фирмата изведувач веќе ги завршила работите, сепак примо-предавањето на објектот е блокирано од Министерството за транспорт и врски. По последните врнежи, покривот повторно прокисна и предизвика штета во зградата. Недовршени детали се гледаат насекаде. Директорот Муртези за Алсат-М иронично изјавил дека театарот постои за актерите да глуми на сцената, но сега излегува дека главните актери се некои други зад сцената.

„Театарот е културна институција каде политиката не смее да пушта рака во секојдневната математика. Сега чекаме да се формира новата Влада и повторно да се обратиме кон релевантните институции. Но, во секој случај, Албанскиот театар не може да функционира во овие услови“-изјави за телевизијата Илбер Муртези, директор на албанскиот народен театар – Скопје.

Муртези вели дека побарал од Финансиската полиција да интервенира, а евентуалните финансиски злоупотреби ќе ги пријави до истражните органи. Претходната управа ги исплатила речиси сите пари кон компанијата што го реновираше, без гаранција дека ја завршила работата според договорениот стандард. Врз основа на тврдењата дека сè е подготвено за сечење на лентата, во недовршената зграда се одвиваа дури и проби за премиери кои иако скоро сите беа платени, никогаш не беа прикажани.

Министерството за култура издвои уште 180 илјади евра за трите премиери кои треба да се прикажат во различни периоди за свеченото отворање на Албанскиот народен театар, но бидејќи тој не беше отворен, премиерите се одржаа далеку од очите на јавноста. 

Од Министерството за транспорт и врски ни рекоа дека сè уште не е формирана комисија за проценка на техничката состојба на објектот, односно дали е подготвен да почне со работа. Додаваат дека пандемијата и политичкиот ќорсокак го одложиле формирањето на комисијата каде треба да членуваат претставници на повеќе институции.

Албанскиот театар почна да се реконструира во 2014 година. Досега се потрошени 10,5 милиони евра. Реконструкцијата ја почна италијанската компанија „Ламоне Мореда“ која банкротираше, а потоа продолжи фирмата „Шенција“. Реконструкцијата беше завршена, но претставниците на компанијата исчезнаа кога требаше да се санираат некои пропусти иако според договорот, „Шенција“ требаше да го одржува објектот следните две години по неговото примо-предавање. Р.Д.

Total
0
Shares
Поврзани објави