Вработените во Штипскиот универзитет вакцинирани пред колегите на УКИМ, ректорот укажува на дискриминација

Никола Јанкуловски вели дека како ректор на универзитетот со најголем број студенти и вработени, но и како здравствен работник, е сериозно загрижен за односот на надлежните кон високото образование

Вработените на УКИМ да бидат вакцинирани што поскоро, бара ректорот Никола Јанкуловски. Во реакција до медиумите, тој бара и одговори од надлежните по кои критериуми се одвива имунизацијата во високото образование. 

„Како ректор на УКИМ во Скопје, со најголем број студенти и вработени во високото образование и како здравствен работник, сериозно сум загрижен за односот на надлежните авторитети кон високото образование, во врска со имунизација на вработените заради претстојната испитна сесија и високообразовниот процес воопшто“,

наведува Јанкуловски.

Тој посочува дека од УКИМ пред извесно време се обратиле до надлежните со образложени причини за потребата од имунизација за вработените, но дека досега не добиле одговор.

„Досега немаме добиено никаков одговор, а овие денови се вакцинираа вработените на Универзитетот ‘Гоце Делчев’ во Штип“,

реагира ректорот на УКИМ.

Јанкуловски додава дека ја поздравува имунизацијата на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, но дека, истовремено, тоа го сфаќа како дискриминација, бидејќи на УКИМ не добиле никаков распоред за имунизација на универзитетите. Тоа, според него, укажува дека имунизацијата се одвива без да се води сметка и за другите универзитети.

„Очекував дека штом вработените на еден универзитет се вакцинирале, тогаш надлежните имаат распоред и за другите универзитети и дека за распоредот ќе бидеме известени. Но, за жал, изгледа такво нешто не постои“,

вели ректорот Јанкуловски.
Total
0
Shares

USJE
Поврзани објави