За што е упасен екс градоначалникот на Карпош

На земјиштето кај поранешниот ресторан „Имес“, за кој денеска Обвинителството поради незаконска легализација го уапси поранешниот градоначаланик на Карпош Стевчо Јакимовски, зградите се веќе во завршна фаза и  се нудат за продажба.  На таблата пред објектите пишува дека инвеститор е фирмата „Дабар“ и дека проектот за градба бил одобрен од општина Карпош на 13 јуни 2017 година.

Обвинителството бара притвор за Јакимовски и уште две лица вработени во општината за незаконска легализација на поранешните објекти на овој плац,  а потоа и на земјиштето кај поранешниот ресторан „Имес“.

За незаконската продажба на ова земјиште се пишуваше уште во предизборната кампања за локалните избори.

Душко Весковски од СДСМ, тогаш обвини дека земјиштето во близина на поранешниот ресторан „Имес“ било продадено на фирмата „Гром промет ДООЕЛ“  за само 11 000 евра, за потоа да биде продадено на фирмата „Дабар ДООЕЛ“  за 600 000 евра.

Весковски во разговор за НОВА, денеска кажа дека сите обвинувања изречени во кампањата лесно можеле да се докажат.

Објектите кои биле од времен карактер најпрво биле незаконски легализирани,  а потоа и земјиштето со површина од 1.533 м3.

Пазарната вредност на земјиштето се проценува на 450 000 евра, а било откупено за 11 000 евра. За легализација на објектот во општината биле уплатени  180 000 евра. Истото ова земјиште, потоа било продадено на фирмата „Дабар“ за 600 000 евра.

Тогаш од општината објаснуваа дека земјиштето било продадено на фирмата„ Гром промет“ затоа што оваа фирма го користела објектот долги години, а потоа  и го откупила. Но, според пријавата од МВР, објектите кои ги користела фирмата биле од времен карактер и воопшто не можеле да биде предмет на легализација.  Според пријавата на MВР фирмата со легализацијата на објектот добила ексклузивно право да го откупи и земјиштето, а потоа и да го продаде.

Барањето за легализација било поднесено во 2011, а одобрено во 2015 година.

Освен „Гром промет“ според МВР, на ист начин со легализација на времени објекти на улицата „Илинденска“ сопственици на државно земјиште станале и фирмите „Емаг“ и „Дот Мебел“ и физичкото лице Т.К.

 

Total
0
Shares
Поврзани објави