Од самиот почеток на постапката решив да ја зборувам вистината. Не порекнував ништо што сторив и дообјаснував работи со цел судот да добие јасна слика од настаните што се случија. Се надевам дека судот ќе ја цени мојата искреност за разлика од Јавното обвинителство, кое упорно работи да нè прикаже како планери на убиството, рече обвинетиот Велибор Манев во својот завршен збор за грабнувањата и убиствата на Вања и Панче.
Рече дека веќе јасно кажал оти не знаеле дека, како што рече, Љупчо Палевски планира да убива.
„Зар би копал три метри дупка, би ја покривал и маскирал со таваница и капак како влезна врата кога би знаел дека грабнато лице требало да се убие. Не, туку би ископал обичен гроб. Но, по инструкции на Палевски се разговараше за грабнување и изнуда на пари, не се споменуваше убиство. Во претходните искази кажав дека тоа треба да биде жена од 40-ина години, ќерка на фармацевт од која лесно ќе земел пари и тоа се од кажување на Љупчо Палевски”,рече обвинетиот Манев.
Тој рече дека Обвинителството упорно тврди дека биле во контакт со обвинетиот Александар Ѓорчевски, но, како што кажа, тој воопшто не го познавал.
„Јавното обвинителство упорно нè турка во фактот дека сме биле во контакт со Сашо, дека сме знаеле за моментот за излегување и дека контактирал со Љупчо Палевски, но докази нема. Јас лично не го познавам, а и тој самиот кажа дека не нè познава. Како дал исказ дека се слушнале, веќе ви кажав, со ќотек. Се прашувам каков интерес би имал да го бранам Сашо со мојот исказ за кој првпат слушнав во полициска станица. Некој овде лаже. Затоа ќе го повторам мојот исказ даден претходно. И покрај многуте добрини направени од моја страна кон Љупчо Палевски, јас сум манипулиран и уценет со мојот живот, со животот на мојата фамилија и не само јас, туку и останатите двајца се изманипулирани за убиството кај местото Рудник, каде што требаше да биде чувана и втората грабната личност, за потоа да биде пуштена. Го прашавме што да правиме со втората личност и дека ова не бил планот за кој ни кажувал”,рече Манев.
Рече дека не одговорил ништо затоа што претходно му се заканиле.
„Нè однесе ноќно време во месноста Дупки, објаснувајќи дека местото е пусто. Покажувајќи ни ги напуштените лозја со куќарки во нив, сè до моментот кога и вторпат уби и извади нови лопати од пикапот кои претходно ги купил и нè натера да копаме дупки во смрзната земја. Нè тераше да го слушаме”,рече Манев.
Откако Палевски ги извршил убиствата, Манев рече дека му станало јасно сè и затоа не ги избришал снимките од ресиверот во неговиот дом и не ги исклучил камерите за да не му даде алиби на Палевски.
„Немав никаква умисла и намера за убиство”,рече Манев.
Тој, како што кажа, ја отвори и темата за синиот ранец, околност околу која бил наречен лажго од Палевски. Рече дека Палевски му се јавил за да му каже дека лицето З.Д. (Манев го кажа со име и со презиме) член на Десна, а вработен во Народна банка, ќе го земе ранецот од просториите на партијата.
Кажа оти е згрозен од сè што му се случува од човек кому, како што кажа, му ја дал душата на тацна, притоа мислејќи на Палевски.
„Потрошив шест години од мојот живот запоставувајќи ја својата фамилија, ме манипуларал како жртвен вол за да ме напика во затвор за нешто што не можам да го замислам. Слепо му поверував во неговиот смислен план за грабнување и изнуда на пари. Како што кажав веќе, нè убеди дека ќе биде жена, нè внесе во темна просторија дека парите ќе му ги набројат дека сè е сигурно, дека одбрал сигурни патишта, непокриени со камери. Во ниту еден момент не знаев дека ќе убива. Да знаев дека има пиштол, никогаш немаше да ме видите овде. Седам овде на оваа обвинителна клупа обвиен со чувство на огромен срам кој ќе ме јаде додека сум жив. Каменот што го носам во себе не можам да го опишам. Траумата на сликите што ми навираат во глава, слики од две ладнокрвни убиства ми создава душевна болка која ќе ме боли додека сум жив. Со ова каење и душевна болка ми се придодава дека ова ми се случува поради човек на кого толку многу му помогнав, иако бев предупредувам од најмалку три-четири лица дека не го познавам Палевски и дека можам да завршам во затвор. За него се фаќав за нож, трчав да го вадам од затвор. Човек кому толку му помагав, да ме измами. Што да кажам, излегов наивна будала која си го зацрни животот. Изгубив многу пријатели не само тука, туку и надвор од Македонија. Останува да си ја слушнам казната натоварен со срамот, каењето и душевната болка. Размислувам за моите еден милион неодговорени прашања. Простете ми што излегов ваква будала”,рече Манев.
Обвинетиот Боре Видевски не даде завршен збор, туку кажа само дека останува на кажаното во завршниот збор даден од неговиот адвокат. Обвинетиот Влатко Кешишев, исто како и Манев, изрази жалење што слепо му верувал на Палевски, претходно раскажувајќи за тоа што случувало околу грабнувањата и убиствата на Вања и Панче и неговата улога во нив.