Град Скопје поднесе кривична против Шилегов и Јанчева за предновогодишна забава

Град Скопје поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластувања против ексградоначалникот Петре Шилегов и поранешната претседателка на Советот, Љубица Јанчева од СДСМ, информира денеска Данијел Апостолоски од прес-службата на Данела Арсовска.

Тој тврди дека Шилегов и Јанчева незаконски трошеле пари од градскиот буџет за организирање предновогодишна прослава во кафеана во 2019 година. Поранешната претседателка, тврди Апостолоски, искористила пари од буџетот спротивно на Законот за јавни набавки, а Шилегов без да постои склучен договор дозволил да се искористат и исплатат парите на угостителскиот објект каде што се организирала забавата.

Имено, Љубица Јанчева, во својство на претседател на Советот на Градот, организирала предновогодишна забава во ресторан во Скопје, и за тоа своерачно потпишала и посебен интерен образец со кој потврдува дека ги искористила наведените средства и во прилог кон него доставила фактура, со што ги потврдува издатоците за реализирани средства за репрезентација“,

рече Апостолоски на денешната прес-конференција.

Тој тврди дека за незаконските активности алармирал и Секторот за финансиски прашања при Град Скопје, кој во службена белешка укажал дека се работи за услуги спротивно на законот. Во белешката, според изјавата на Апостолоски, е наведено дека доставената фактура за прославата се однесува за извршени услуги за кои Градот со угостителскиот објект нема склучен договор со постапка за јавна набавка во 2019 година.

И покрај тоа, тврдат од прес-службата на Арсовска, Шилегов дозволил да се искористат парите од градскиот буџет.

„Особено укажуваме дека Град Скопје во наведениот период за 2019 година веќе имал спроведено постапка и доделено договор за јавна набавка на други правни субјекти за угостителски услуги, во кои не спаѓа правниот субјект каде што се правеле забави на сметка на граѓаните. Оттука, јасно произлегува дека Петре Шилегов и Љубица Јанчева искористиле средства од буџетот на Град Скопје надвор од законски пропишаната процедура, на кој начин го оштетиле буџетот на Град Скопје“,

рече Апостолоски.
Total
4
Shares
Поврзани објави
Повеќе

Горивата поскапуваат

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на…