Делото на Мијалков во „Титаник 2“ застари

7 април 2023 година. Датумот кога настапува апсолутна застареност за кривично гонење на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, за делото примање награда за противзаконито влијание бидејќи навршуваат 10 години што е дупло повеќе време од максималната казна (5 години) за ова дело, сметано од времето на сторување.

Мијалков за ова дело се гонеше и првостепено беше осуден на две години затвор во случајот „Титаник 2“ кој се однесува на договарање за гласање за приговори во корист на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во 2013 година во Струмица, кои биле поднесени во ДИК.

До застарување дојде откако поминаа речиси пет години од првото одржано рочиште за овој предмет. Оттогаш, случајот не успеа да дојде до правосилна пресуда. За предметот еднаш се донесе осудителна пресуда во Основниот кривичен суд во март 2019 година, но Апелација го врати на ново судење. Во повтореното судење, пресуда беше донесена во јануари годинава, но до денеска предметот не успеа да помне пред Апелација за пресудата да стане правосилна.

Седница во второстепениот суд за жалбите требаше да се одржи на 30 март, но се одложи бидејќи не беа присутни сите странки бидејќи биле неуредно поканети. Нова седница тогаш се закажа за 13 април со што „потонаа“ шансите Апелација да донесе одлука до 7 април односно пред да застари делото на Мијалков.

Застарувањето официјално не е констатирано од суд и се очекува тоа да се официјализира по јавната седница следната недела.

Во „Титаник 2“, ексшефот на УБК е единствениот што се гонеше за примање награда за противзаконито влијание. Останатите обвинети се гонат за повреда на избирачкото право, а меѓу нив се лидерот на ДПА, Мендух Тачи и поранешните членови на ДИК: Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.

Ова е второ застарување на дело за Мијалков. За истото – примање награда за противзаконито влијание, тој се гонеше и во „Таргет-Тврдина“ кој се однесува на масовното прислушување и уништување на опрема за следење на комуникациите. Таму делото му застаре претходно, па тој во случајот сега се гони за преостанатите две дела од обвинението: злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластувања.

Total
0
Shares
Поврзани објави
Повеќе

“ТНТ” пука во Кривичен

Конечно во Македонија завладеа правото! Проработи “Слободата на совеста која е признаена насекаде“, вели адвокатот Јовица Страшевски во…