За Груевски, Камчев и Мијалков во јули почнува судски процес за перење пари

На 16 јули почнува судењето за случајот „Плацови на Водно“, каде што меѓу осомничените се бизнисменот Јордан (Орце) Камчев, Сашо Мијалков и експремиерот Никола Груевски.

Закажувањето на првото судско рочиште следува откако Основниот кривичен суд информираше дека обвинителниот акт е одобрен во целост. За датумот и времето на првото судско рочиште известени се и странките – обвинителството и одбраната. Според информациите од судот, предметот се паднал кај судечки совет на чело со судијата Илија Трпков.

Покрај споменатите, обвинети се и Ристо Новачевски, Ненад Јосифовиќ и мајката на Камчев, Ратка Куновска-Камчева.

Истрагата за случајот „Плацови на Водно“ беше отворена во октомври лани, а Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција го поднесе обвинението во мај годинава.

Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милион евра (79 972 140 денари), а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно. Покрај имотот на Водно, обвинението опфаќа и два стана во главниот град и две парцели во Крушево за кои обвинителството тврди дека се прекривал вистинскиот сопственик.

Груевски е обвинет за делата перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот. Камчев, неговата мајка, како и Новачевски и Јосифовиќ се товарат за перење пари, додека Мијалков е обвинет за помагање во делото перење пари.

Од обвинетите, Камчев околу 3 месеци се наоѓа во притвор токму за овој предмет, а Мијалков е во притвор за сличајот „Трезор“ каде е неправосилно осуден на 8 години затвор. Со поднесувањето на обвинението, Јосифовиќ и Куновска-Камчева добија обврска да се јавуваат еднаш неделно во судот, а на мајката на Камчев ѝ беа одземени и македонскиот и бугарскиот пасош.

Судот тогаш одреди притвор и за Груевски, но со оглед дека тој е во бегство во Унгарија мерката за него би стапила на сила ако некогаш биде достапен за македонските органи. Земајќи ја предвид неговата недостапност, во останатите предмети на експремиерот му се суди во отсуство.

360степени

Total
1
Shares
Поврзани објави

Обвинение за екс градоначалник

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци денеска до Основниот суд Неготино поднесе Обвинителен предлог против обвинетиот,…