Колегите му препорачуваат на Иџет Мемети да не учествува во работата на Советот на ЈО, тој размислува да се повлече од заменик-претседател

Членот и замени-претседател на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети, кој е второосомничен во истрагата за примање поткуп со врховниот суд Наке Георгиев, не би требало да учествува во работата Советот и во носењето одлуки.

Ова е препораката на неговите колеги кои денеска на седница дискутираа за постапката против Мемети, кои дополнително во своите излагања образложија дека во моментов немаат законска можност да го разрешат од функцијата, пренесува МИА.

Како што рекоа, оставаат на совеста и на моралот на нивниот осомничен колега дали ќе учествува или не во работата на ова тело додека трае кривичната постапка против него.

Столчето на Мемети денеска беше празно бидејќи, како што информира претседателката на Советот, Душица Димитриеска, тој претходно ја информирал дека нема да присуствува на денешната седница и оти размислува да се повлече од функцијата заменик-претседател на Советот.

Неговата колешка, членката на Советот на јавни обвинители Кети Петкова, рече дека Законот за Советот на јавни обвинители не предвидува можност за отстранување од работното место додека трае кривична постапка.

Од тој аспект, рече таа, на членовите на Советот им се врзани рацете да можат како било да го тргнат влијанието на членот.

„Иако немаме законска можност да постапиме со таа одредба што би била најлогична, не смееме да останеме неми и да не ги кажеме детектираните слабости по постапувањето по овој предмет“,рече таа.

Таа се осврна и на отворената кривична постапка и на извршениот претрес во Советот, за што рече дека задираат директно во интегритетот на Советот како институција и на нив како членови.

Членката на Советот, Светлана Жупановска, пак, посочи дека е оставено на доблеста на Мемети да одлучи дали ќе учествува во неговата работа.

Поранешен претседател на ова тело, Антонио Јолевски, се согласи со своите колешки и му препорача на Мемети да не учествува во работата на Советот.

„Оставаме на совеста, на моралот на членот на Советот дали би учествувал. Би препорачал, особено при избори и разрешување, да не учествува бидејќи токму во тие ситуации ќе се доведе во прашање кредибилитетот, дека во тие избори учествувал член на Советот за кој се води постапка во надлежното обвинителство“,наведе Јолевски.

По расправата, претседателката на Советот, Душица Димитриеска, во изјава за медиумите рече дека Советот ќе го следи текот на кривичната постапка и согласно нејзиниот исход ќе постапи согласно закон.

Димитриеска појасни дека постапка за разрешување е предвидена, меѓутоа во конкретниот случај е невозможна.

„Постапка за разрешување е предвидена, меѓутоа, таа постапка треба да отпочне со образложено барање кое треба да биде поднесено од најмалку 20 јавни обвинители и една третина од членови на Советот, ова барање треба да е поткрепено со докази, во конкретниов случај тоа не може да се донесе“,рече таа.

Претседателката дополни дека Советот не може да му забрани на Мемети да присуствува на седниците, а тоа може да се случи доколку има таква одлука од суд.

Total
0
Shares
Related Posts
Повеќе

Поевтинуваат горивата

Со одлука на Регулаторната комисија за енергетика, од полноќ малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98…