Од 10-ти мај блокада на Собранието?

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ повторно влегуваат во клинч околу предвремените избори, обвинувајќи се меѓусебно дека ги штитат само теснопартиските интереси. Најголемата опозициска партија се закани дека од 10 мај ќе го блокира Собранието, откако лидерот на СДСМ, премиерот Димитар Ковачевски, го одби лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за лидерска средба на која би го одредиле датумот за предвремени парламентарни избори.

„Активната блокада на Собранието ќе се спроведува сè додека актуелната власт не седне и не се постигне договор за одржување предвремени парламентарни избори“, изјави денеска Мицкоски.

Тој додаде дека СДСМ со изјавата дека во време на криза не треба да се блокира Собранието, признала дека државата е во криза.

„СДСМ со таа изјава признава дека Македонија е во криза, а во оваа криза, наместо да ѝ се обратат на најголемата политичка партија со најголема пратеничка група, со најголем број градоначалници, тие одлучија да молчат. Два месеца буквално ги молевме и секој наш чекор е реакција на нивната акција. На самата прес-конференција кога го најавив ова, јас кажав дека за сè понатаму единствената одговорност ќе биде врз Ковачевски и врз СДСM. Сакам да ја потенцирам нашата сериозност, ова нема, ќе повторам, да трае  1-2-3-5 дена, ова ќе трае со недели, а можеби и со месеци, сè додека оваа Влада, конечно, не се вразуми, не седне со опозицијата и не организираме предвремени парламентарни избори“, рече Мицкоски.

Доцна вечерва, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ закажа состанок на кој треба да се одредат чекорите кои ќе следуваат по 10 мај,  а кои предвидуваат блокада на сите процеси и закони како на комисиите така и на пленарните седници во Собранието, со исклучок на оние закони што значат повисоки плати за граѓаните.

Total
28
Shares
Поврзани објави
Повеќе

Од денес поскапа струја !

Од првиот момент во 2022 бројчаниците вртат посилно. Од ноќеска трошиме поскапа струја. Скопјани од утрово се греат…