Поскапуваат цигарите

Се очекува да поскапат цигарите на домашниот пазар, најверојатно уште од почетокот на следниот месец.

Според неофицијалните информации од тутунската индустрија, цената на цигарите за една кутија ќе порасне околу 10 денари.

Растот на цената на цигарите се должи на неколку фактори, објаснуваат од тутунската индустрија.

Голем притисок за раст на цената на цигарите врши енормното зголемување на цената на природниот гас, струјата и другите енергенси што се користат во производниот процес.

Истовремено, како резултат на растот на цените на енергенсите се зголемија и цените на репроматеријалите, кои освен што се продаваат по повисоки цени се и дефицитарни и создаваат неизвесност во дневното производство.

Овие фактори директно „притискаат“ на зголемување на крајната цена на цигарите во земјава.

Покрај неповолните нагорни трендови кај цените на енергенсите и репроматеријалите, притисок врз цените на цигарите, но и другите производи за широка потрошувачка прави и годишната инфлација.

Според мисијата на Меѓународниот монетарен фонд, инфлацијата во 2022 година ќе изнесува околу 3,9 отсто.

На цената на цигарите влијае и редовното годишно зголемување на акцизата. Од 2013 година, па сѐ до 2023 година, акцизата на цигарите се зголемува за најмалку пет денари по кутија. За да се ублажи растот на цените на цигарите, некои производители и увозници на цигари, носеа одлуки да преземат дел од трошокот за зголемената акциза.

Цената на цигарите расте и во другите земји. Во Србија од први февруари се зголемува цената на цигарите, пишуваат српските медиуми. Според ценовникот објавен во „Службен весник“, цената на најевтината кутија цигари ќе изнесува 290 динари или околу 150 денари, а цената на најскапите цигари ќе изнесува 570 динари или околу 300 денари, објавија тамошните медиуми.

Total
9
Shares
Поврзани објави