Судење за „Таргет-Тврдина“: Обвинителството бара време за да одлучи што по измените на Кривичниот законик

Денешното рочиште од судскиот процес за главниот предмет за масовното прислушување – „Таргет-Тврдина“, во кој првообвинет е ексшефот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, се одложи поради поднесок од Јавното обвинителство.

Случајот „Таргет-Тврдина, кој се суди по вторпат откако скопската Апелација ја укина првостепената пресуда, е еден од предметите кои се засегнати од неодамна донесените измени на Кривичниот законик (КЗ). Токму измените на КЗ беа причината поради која се одложи денешното рочиште.

Како што соопшти судијата Илија Трпков, кој претседава со петчлениот судечки совет, вчера до Основниот кривичен суд Скопје стигнал поднесок поврзан со измените на Кривичниот законик.

Од Јавното обвинителство во поднесокот, наведе судијата Трпков, се осврнуваат на правните прашања кои произлегуваат од измените на Кривичниот законик, а влијаат на обвинителниот акт и правната квалификација на делата.

„Имајќи ги предвид одредбите од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, односно правните прашања кои произлегуваат од него и нивното влијание на правната квалификација на кривичните дела за кои се гонат обвинетите додека се донесе соодветна јавнообвинителска одлука, барам да се одложи закажаната расправа“,навеле во поднесокот од Јавното обвинителство, соопшти судијата Трпков.

Каква јавнообвинителска одлука ќе биде донесена треба да биде познато на следното рочиште, кое судијата го закажа за 4 октомври.

„Да видиме што ќе прецизираат од Јавното обвинителство и како ќе се осврнат на правната квалификација“,рече судијата.

Инаку, денешното рочиште се одржа во празна судница. Од бранителите на обвинетите беше присутен само адвокатот и сопруг на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, Влатко Илиевски, кој ја застапува во предметот.Имајќи предвид дека поднесокот од Обвинителството судот го добил вчера, судијата Трпков појасни дека заради избегнување трошоци, судот ги известил казнено-поправните установи, каде што дел од обвинетите издржуваат затворски казни за други случаи, да не ги спроведуваат обвинетите поради извесноста дека денешното рочиште ќе се одложи.

Total
0
Shares
Поврзани објави
Повеќе

Одлуката за отворање на границите е тешка, појавата на новите случаи со ковид-19 може да се менаџираат со рана детекција, вели Фабио Скано

„Особено сум импресиониран од посветеноста на здравствените работници, официјалните здравствени лица и сите оние кои неуморно работат за да ги заштитат луѓето од ковид-19. “, рече Скано.