Трајче Пеливанов на местото на суспендираната Русковска

Трајче Пеливанов во наредниот период ќе раководи со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција на местосто на суспендираната обвинителка Вилма Русковска. Обвинителот е именуван како привремено решение на денешната седница на Советот на јавните обвинители. Претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски телефонски ја потврди инфопрмацијата дека тој не ја менува туку е привремено решение.

„Трајче Пеливанов се определува само како времена замена, не е вршител на должноста. Тој е определен колку во меѓувреме да може да прима пошта, да потпишува, да може да се подига плата, не е како класичен вршител на должноста, а ова е законски регулирано во член 9 за Совет на јавни обвинители.“ – вели претседателот на Совет на јавни обвинители, Антонио Јолевски.

Обвинителот Трајче Пеливанов беше дел и од тимот на поранешното Специјално јавно обвинителство. Одлуката за времена замена на Русковска е донесена на седница на Советот на јавни обвинители од каде што објаснуваат дека назначиле привремен шеф бидејќи станува збор за обвинителство каде што се гони сериозен организиран криминал и не треба истото да се остави без раководител.  Доколку постапката за Русковска се заврши и таа се врати на работа, обвинителката повторно ќе биде шефица на ова обвинителството, но доколку тоа не се случи до истекот на нејзиниот мандат во ноември, тогаш за шеф ќе биде назначен некој од актуелните обвинители велат од Советот.

Републичкиот јавен обвинител, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, донесе Решение за оддалечување од функцијата на шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска додека трае кривичната постапка поведена по поднесената пријава од Арафат Муареми за претресот на 18 јули во Управата за финансиска полиција. Советот на Јавни обвинители, минатата недела ја одби жалбата на Русковска како неоснована, и ја потврди нејзината суспензија од функцијата.

Во периодот на суспензијата на Вилма Рускоска, оставка си даде и Арафат Муареми кој беше на чело на Управата за финансиска полиција, како и Државниот правобранител, Фехми Стафа. Повлекувањето на Стафа во јавниоста се поврзува директно со суспензијата на Русковска и неколку клучни предмети на кои работеле двете институции.

Неизвесно е колку сега назначувањето на Пеливанов на местото на Русковска, но со ограничен мандат ќе може да стави ред и да ги поправи сериозно нарушените релации на некогашните први луѓе на неколку инстуитуции чија единствена задача беше – борба со организираниот криминал.

Total
2
Shares
Поврзани објави