БЕГ тврди дека температурата во домовите ја одржуваат на 20 плус 1 степени

Претходно, според нивното соопштение, испорачувале топлинска енергија за да се одржува повисока температура од пропишаните правила, но сега оптимизирале бидејќи цената на гасот што го купуваат како компанија е четири пати повисока

Иако е редуцирана внатрешната температура и испораката на топлинска енергија е оптимизирана, внатрешната температура во домовите на потрошувачите се одржува на пропишаното ниво од 20 плус 1 Целзиусов степен, тврдат од „Балкан енерџи груп“ (БЕГ) откако неколку дена има критиките за квалитетот на централното греење во Скопје.

„Сакаме да истакнеме дека системот за централно греење со кој управува БЕГ е целосно во функција и испораката на топлинска енергија до потрошувачите е согласно Правилата за снабдување на топлинска енергија. Внатрешната температура кај потрошувачите се одржува на ниво од 20 +1 Целзиусов степен и не се дозволува истата да падне под 20 Целзиусови степени“,

велат од БЕГ.

Претходно, според нивното соопштение, испорачувале топлинска енергија за да се одржува повисока температура од пропишаните правила, но сега оптимизирале бидејќи цената на гасот што го купуваат како компанија е четири пати повисока.

„Ваквиот режим на испорака на топлинска енергија е оптимизиран, односно во споредба со претходниот период редуцирани се внатрешните температури на објектите кои претходно на барање на потрошувачите имаа повисоки температури од пропишаните. Во услови на енергетска криза и раст на цената на енергенсите, пазарната цена по која компанијата го купува природниот гас е повеќе од четири пати повисока од цената која е предвидена во тарифата. Групација БЕГ во моментов ги користи сите свои тековни средства за набавка на ограничени количини природен гас за неколку дневна испорака. Оттука произлезе неопходноста да се оптимизира режимот на испорака на топлинска енергија без притоа да се нарушат пропишаните критериуми, се со цел да се овозможи неопходното време надлежните институции да спроведат мерки за надминување на оваа енергетска криза, преку обезбедување на финансиски средства за набавка на природен гас и субвенционирање на домаќинствата приклучени на системот за централно греење“,

уверуваат од БЕГ.

Од компанијата бараат и граѓаните да ја штедат енергијата за да не се троши повеќе од пропишаното.

Во однос на поплаките, според нивната евиденција во периодот од 6 до 9 јануари реагирале потрошувачи од 204 од вкупно 2 700 објекти кои се греат на парно што се снабдува преку нив. Меѓутоа, само во 39 се констатирани технички неисправности во топлинските станици на објектите и како што тврдат, тие се отстраните.

Во другите објекти од каде реагирале потрошувачите, според БЕГ, немало проблем односно се измерила температурата и таа била или 20 Целзиусови степени или повисока односно во рамки на правилата за снабдување. Само во еден објект била измерена внатрешна температура од 19,5 Целзиусови степени и таа била покачена за да се постигне нивото на потребна температура.

Total
0
Shares
Поврзани објави