Дамева свика итна седница на Судскиот совет за „Таргет-Тврдина“

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева за денеска попладне свика итна седница на Судскиот совет за постапувањето на Апелацискиот суд Скопје во случајот „Таргет-Тврдина“ откако во петокот од второстепениот суд објавија дека ја укинале осудителната пресуда и случајот го вратиле на повторно судење пред Основниот кривичен суд Скопје.

Покрај за „Таргет-Тврдина“, како што е објавено, се очекува Судскиот совет да расправа за постапувањето на Апелација и во други предмети.

„Расправа по изнесените информации во јавноста за постапувањето на Апелациониот суд Скопје по предметот познат како ’Таргет-Тврдина‘, како и по други предмети од интерес за јавноста кои се на надлежно постапување во Апелациониот суд Скопје“, пишува во дневниот ред за денешната итна седница.

Дамева изминатиов викенд во писмената изјава до медиумите посочи дека Судскиот совет не може да ја оценува одлуката на Апелација, но може да ја констатира состојбата за текот на постапката.

„Судскиот совет во рамките на своите законски надлежности ќе го испита конкретниот случај и за преземените дејствија и констатираната фактичка состојба ќе бидете навремено известени. Укажувам дека Судскиот совет нема надлежност да преиспитува, односно да оценува судска одлука, но има надлежност да ја констатира состојбата за текот на постапката во смисла на ажурно постапување и дали одлуката била донесена од страна на судија на кој му престанал мандатот поради исполнување на услови за старосна пензија“,наведе Дамева.

Во „Таргет-Тврдина“ одлучуваше петчлен совет од Апелација на чело со Јани Нича. Судија известител беше Енвер Беџети, а останатите тројца членови беа: Ѓоко Ристов, Тања Милева и Лидија Чачева.

По една година и речиси десет месеци од пресудата на Кривичен, а по околу девет месеци од одржана јавна седница за жалбите во Апелација, петчлениот совет конечно одлучи и во петокот објавија дека ја укинуваат пресудата затоа што констатирале дека првостепениот суд при постапувањето во „Таргет-Тврдина“ сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка кои се од апсолутен карактер, а на кои овој суд внимава по службена должност.

„Таргет-Тврдина“ е главен предмет од аферата за масовното нелегално прислушување, а со првостепената пресуда ексшефот на УБК, Сашо Мијалков беше осуден на 12 години затвор, а на затворска казна од четири години беше осудена поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска

Total
0
Shares
Поврзани објави