Камионот разнесен на мостот на Крим никогаш не бил на територијата на Бугарија, утврди бугарската влада

Според руските медиуми, камионот што експлодираше на 8 октомври 2022 година превезувал полиетиленски филм. Од проверката на бугарските служби е утврдено дека на територијата на Бугарија, од друга земја членка на ЕУ, во контејнер со уредни документи под транзитен режим била внесена стока со слични карактеристики

Во врска со шпекулациите и обидите за вмешаност на името на Бугарија во експлозијата на мостот на Крим, по наредба на премиерот е извршен увид од безбедносните служби. Несомнено е утврдено дека камионот што се разнесе на мостот на Крим никогаш не бил на територијата на Република Бугарија, која беше посочена како појдовна точка за неговата траса, соопшти владината прес-служба, пренесува агенцијата БГНЕС.

Според руските медиуми, камионот што експлодираше на 8 октомври 2022 година превезувал полиетиленски филм. Од проверката на бугарските служби е утврдено дека на територијата на Бугарија, од друга земја членка на ЕУ, во контејнер со уредни документи под транзитен режим била внесена стока со слични карактеристики.

За време на престојот на предметната стока во Бугарија, таа била под царински надзор и ја напуштила државата во истиот контејнер преку пристаништето Бургас на 17.09.2022 година во правец на друга земја, не во Русија.

„Од увидот апсолутно е јасно дека контејнерот со кој стоката тргнала од Бугарија не бил на експлодираниот камион. Сите информации за случајот се доставени до обвинителството. Владата на Република Бугарија во никој случај нема да дозволи името на нашата држава да се поврзува со каква било вмешаност во терористичка активност“, соопштија од владината прес-служба.

Бугарската техничка влада побара од надлежните служби да извршат проверки и да достават информации во врска со наводите дека камионот натоварен со експлозив, кој беше детониран на мостот Керч, што ги поврзува Русија и Крим, тргнал од Бугарија.

За експлозијата на мостот Русија ги обвини украинските специјални служби, а претседателот Владимир Путин свика итна седница на советот за безбедност.

Експлозијата на мостот Керч се случи во саботата наутро при детонација на камион натоварен со експлозив што предизвика да се запалат и цистерни со гориво во возот што во тој момент поминувал таму. Во експлозијата загинаа три лица.

Total
0
Shares
Поврзани објави