МИНИСТЕРКАТА ТРЕНЧЕВСКА НЕ ГИ ПРИМИ ПЕНЗИОНЕРИТЕ На маса е ставено воведувањето минимална пензија

Со пеење на химната пред зградата на Министерството за труд и социјална политика и со извици „Македонија!, Македонија!“ и „Оставка!“, „Оставка!“ пензионерите денеска побараа министерката Јованка Тренчевска да излезе и да им вети дека ќе ги исполни нивните барања за минимална пензија и линеарно зголемување на пензиите од 3.500 денари. Но и по подолго чекање ниту министерката излезе да се соочи со нив, ниту, пак, ги прими нивните претставници за лично да ги добие нивните барања.

Претставници на иницијативниот одбор пред Министерството за труд и социјална политика официјално јавно ги потпишаа барањата до институциите кои потоа ги предадоа во Министерството за труд и социјална политика и во Сојузот на здруженија на пензионери, каде што денеска го почнаа протестот.

– Министерката нека види и нека чуе дека овие луѓе не се дојдени бидејќи им е убаво, туку дека им е лошо. Вие министерке сте дојдена овде да се грижите за пензионерите. Вам не ви е лошо со плата зголемена за 78%. И се разбира ситиот не му верува на гладниот. Пензионери не можеа да дојдат овде бидејќи немаат пари. Министерке, засукајте ги ракавите и работете и изработете го она што ние го бараме – рече Драган Угриновски член на Иницијативниот одбор.

Пензионерите побараа линеарно зголемување на пензиите од 3.500 денари и минимална пензија од 18.000 денари, како и укинување на членарината во Сојузот на здруженија на пензионери и зголемување на додатоците кои им се даваат на пензионерите. Тие побараа државниот ревизор да го преиспита финансиското работењето на Сојузот на здруженијата на пензионери.

Пензионерите, како што рекоа, се најмногу гневни на функционерите кои без никаква реакција ги зголемија платите за 78% и на раководството на Сојузот на пензионери кои не е заедно со нив, туку „протестира од канцеларија“.

– Ако тргнеме од 2018 година просечната плата 13.000 денари, порасна и минималната плата, а нашата просечна пензија е зголемена само 2.000 денари. Ние сме 178.000 пензионери со ниски пензии. Тоа е 1,75 милијарди денари месечно. Тоа е 42.000 денари годишно по пензионер. Државата даде 178 милиони евра досега само на „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорот 8. Ние бараме Владата да го почитува Законот за усогласување на пензиите, плус да даде линеарно зголемување од 3.500 денари на основицата на пензијата и одредување на минимална пензија од 18.000 денари. Сојузот на здруженија на пензионери веднаш да се укине бидејќи не ги застапува интересите на пензионерите. Да се укине членарината, нашата членарина, која ја плаќаме по 30 денари и за солидарен погреб 150 денари, значи ни земаат 180 денари. Ако нè поддржува Фондот за пензионери, ќе го префрлиме кај нив. Затоа нека бидат солидарни со нас и нека ги задоволат нашите барања – рече пензионерка од Прилеп.

Пензионерите, како што рекоа, нема да се откажат од нивните барања и протестите сè додека институциите не одговорат позитивно на нивните барања.

– Срамно е во 21 век да се гази врз достоинството на речиси 400.000 луѓе кои го завршиле својот работен век. Едноставно нѐ заборавија и нѐ доведоа до таму да излеземе на улица – рече пензионер од Велес.

Свои обраќања имаа претставниците на пензионерите од сите градови.

извор: plusinfo.mk foto MIA

Total
0
Shares
Поврзани објави