Муслиманите го слават Рамазан Бајрам, политичарите со честитки за меѓусебна почит и вреднување на соживотот

Верниците од муслиманска вероисповед во земјава денеска го слават празникот Рамазан Бајрам. Овој празник муслиманите го слават по завршување на постите кои траеја цел месец, а во кој тие не јадеа и не пиеја ништо од изгрејсонце до зајдисонце. Месецот Рамазан е деветтиот месец во исламскиот календар, а воедно се смета за месец на почетокот на објавата на светата книга за муслиманите – Куранот.

Денеска празникот се означува со утринска молитва во џамија, а потоа верниците одат на гробишта за да ги посетат гробовите на нивните предци и блиски. Празникот прво им се честита на најстарите, а потоа и на останатите. Рамазан Бајрам се слави три дена.

На овој ден муслиманите им помагаат на сиромашните, на децата без родители и на осамените. Тоа, како што велат познавачите на исламот е должност на секој муслиман за овој празник.

Честитка за празникот прв упати поглаварот на Исламската верска заедница во земјава (ИВЗ), Шаќир Фетаи кој порача да престанат сите оружен конфликти во светот, да владее мир насекаде, бидејќи како што вели, само во мир човештвото може да оди напред кон нови случивања, за доброто на сите луѓе, без разлика на раса, пол, веросиповед или етничка припадност.

Денеска политичарите го честитаа празникот на муслиманските верници. Во нивните пораки, покрај честитките за почит и меѓусебно разбирање, не изостануваат и пораките дека земјата е посебна во регионот токму поради нејзиниот мултиетнички и мултиверски карактер.

Премиерот во техничката Влада Талат Џафери упари честитка за празникот во која му посака добро здравје на поглаварот на ИВЗ за вршење на благородната мисија што ја има, со која, како што додаде ги упатува на прав и чесен пат припадниците на исламската вера.

„А ние, како политичари ќе го поддржиме градењето на нашата заедничка држава, исполнувајќи ги правата и обврските на секоја заедница, за продолжување на успешната приказна на мултиетничка држава во регионот, која во ова време на глобалните предивици се покажа како исклучително неопходна за семејството на европските држави. Верувам дека ќе продолжиме така кон европскиот пат“,рече Џафери.

Претседателот Стево Пендаровски во честитката упати порака во која вели дека не само во претстојните три дена, туку и во текот на целата година да живееме во мир и во хармонија, да бидеме солидарни, исполнети со среќа и со радост.

„Сите сплотени да споделуваме со нашите ближни, со нашите поблиски и подалечни соседи визија за благосостојба, просперитет и развој на нашата заедничка татковина“,вели Пендаровски.

Претседателот на Собранието Јован Митрески вели дека изминатиот месец сме покажале дека не е важно на која религија припаѓаме, туку е важна меѓусебната почит и разбирање, кои не прават сите нас подобри и духовно побогати.

„Во тоа се и убавините на ифтарските вечери, на кои покажавме меѓусебно разбирање и толеранција, но споделивме и заеднички моменти кои секогаш ќе останат во нашите срца“,порача Митрески.

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вели дека рамазан Бајрам е празник на меѓусебна почит, солидарност и разбирање.

„Токму врз овие вредности, ние заедно го градиме нашето општество кое е еднакво за сите и токму затоа со оваа наша посебност ја интегрираме државата во големото европско семејство на народи и држави“,вели Ковачевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во видео порака на својот фејбук-профил им го честита празникот на припадните на муслиманската вероисповед. Им посака здравје, среќа и бериќет и порача „заедно да се избориме за иднина, надеж и промени за Македонија“.

Total
0
Shares
Поврзани објави