Нема веќе вадење пасоши без закажување, денеска последен ден во полициската станица „Пролет“

Денеска последен ден во полициската станица „Пролет“ каде граѓаните можеа да се сликаат за лични документи без закажан термин.

Од утре пунктот ќе работи со 14 базни станици, но со претходно закажување, потврдија од МВР.

„ Од утре, среда, (07.02.2024) пунктот за фотографирање за лични документи во ПС Пролет нема да работи без закажување туку се трансформира во пункт за презакажани термини за сите оние кои имале резервиран термин за фотографирање на територија на град Скопје до крајот на 2024 година.

Трансформацијата се прави со цел да се воведе ред наместо хаос и да се олесни и забрза добивањето на лични документи за жителите на Скопје. Граѓаните кои веќе имаат закажано термин ќе бидат контактирани од економскиот оператор задолжен за тоа и ќе им биде понуден нов термин во многу пократок рок.  Истовремено, оние ослободени термини добиени при прочистувањето на сите списоци ќе останат на располагање за идни резервации.

Од утре во склоп на пунктот во ПС Пролет ќе функционираат 14 базни станици, на кои ќе се врши фотографирање на граѓаните од понеделник до сабота, а од понеделник (12.02.2024) ќе се воведе и фотографирање во втора смена.

Ги известуваме граѓаните дека во наредните денови закажувањето на термини за фотографирање за лични документи ќе биде само телефонски, а закажувањето преку интернет поради технички причини нема да биде можно во наредните денови.“ велат од МВР.

Со денови пред пунктовите во ПС Пролет граѓаните чекаа со часови за да извадат документи без закажување. Овој пункт беше отворен со намера да се растерети процесот бидејќи термини за нови патни исправи граѓаните не може да добијат навреме. Со завршената ревизија на телефонските пријави за фотографирање било утврдено дека дури 30 илјади биле фиктивни што претставуваат голема кочница во процесот.

Проблемот кој настана со издавање на патните исправи денеска ќе се најде и на седница на Владата. Се очекуваат конкретни мерки кои би го забрзале процесот.

По 12ти февруари старите патни исправи ќе бидат неважечки за надворешна употреба согласно Преспанскиот договор.

Total
0
Shares
Поврзани објави