Не постојат дополнителни услови во преговарачката рамка, но секоја држава, за секое поглавје може да дава забелешки, вели Ковачевски

Германскиот канцелар, вели Ковачевски, ги повтори тие гаранции кои веќе стојат во преговарачката рамка. Други услови не може да има во преговарачката рамка и затоа ЕУ го направи она што требаше да го направи. Она што ние треба да го направиме верувам дека ќе го направиме и потоа продолжува процесот на отворање на поглавјата и сите реформи што следуваат

Во секое поглавје, секоја држава, согласно со копенхашките критериуми, може да даде забелешки во однос на реформите и напредокот. Другите прашања кои се од билатерална природа се решени во билатералниот договор со Бугарија, вели Ковачевски

Не постојат дополнителни услови во преговарачката рамка за пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ, изјави денеска во Берлин пред македонските медиуми премиерот Димитар Ковачевски. Неговата изјава доаѓа по синоќешната прес-конференција што ја имаше со германскиот канцелар Олаф Шолц, а на која канцеларот рече дека тој гарантира оти не треба да има нови условувања за Северна Македонија на патот кон ЕУ.

Ковачевски прашан за тоа дали Шолц му кажал кои се гаранциите што тој ги дава, не давајќи конкретен одговор, рече дека на самит на ЕУ се постигнува консензус помеѓу сите 27 земји членки и преговарачката рамка е резултат токму на таков консензус.

Пораката на германскиот канцелар Шолц, според Ковачевски, била исклучително јасна дека Германија останува еден од најпосветените партнери, кој им дава најголема и најсилна поддршка на земјите од Западен Балкан.

„Канцеларот беше многу јасен дека Германија стои зад нас и дека она што е договорено со 27-те земји членки на ЕУ и е дел од преговарачката рамка, практично е она до што се придржуваат земјите членки и на ЕУ“,изјави Ковачевски.  

Ковачевски рече дека на прес-конференцијата се заблагодарил на поддршката и на активното учество на германскиот канцелар при финализирањето на преговарачката рамка.

„Таа преговарачка рамка има многу јасни одредби, а тоа е дека на 19 јули ќе биде одржана првата меѓувладина конференција, дека ќе биде потпишан договорот за Фронтекс, дека втората меѓувладина конференција ќе биде одржана без никаква дополнителна одлука по спроведувањето на уставните измени и завршувањето на скрининг-процесот. Германскиот канцелар ги повтори тие гаранции кои веќе стојат во преговарачката рамка. Други услови не може да има во преговарачката рамка и затоа она што ЕУ требаше да го направи, го направи. Она што ние треба да го направиме верувам дека ќе го направиме и потоа продолжува процесот на отворање на поглавјата и сите реформи кои следуваат“,рече Ковачевски.

Но, според него, во секое поглавје, секоја држава, согласно со копенхашките критериуми, може да даде забелешки во однос на реформите и напредокот и тоа да биде исполнето во рамки на стандардите кои владеат во ЕУ. Како поглавје каде што може да има забелешки ја посочи заштитата на животната средина, што е еден од критериумите во пристапувањето во ЕУ давајќи пример дека може да има реакции за тоа оти реката Вардар е најзагадена река во Европа.

„Други прашања кои се од билатерална природа се решени во билатералниот договор со Бугарија. За овој договор постои институционална соработка помеѓу министерствата за надворешни работи, за таа цел е формирана и историската комисија која работи без влијанија и учество на политиката и како што ги носат своите одлуки така тие на реципрочна основа ќе бидат и имплементирани меѓутоа тие не влијаат на процесот на интеграција во ЕУ“,додаде Ковачевски.

Total
0
Shares
Поврзани објави