„Огнените“ и официјално станаа фракција, излегоа со неколку предлози меѓу кои и за албанскиот јазик и борците на ОНА

„Огнените“ од ДУИ и официјално станаа фракција. Тие тоа денеска го соопштија на прес-конференција, изнесувајќи ги причините за ваквото дејствување, а дадоа и неколку предлози до власта.

„Како што изјавивме по завршувањето на состанокот на 1 април, официјално ви се обраќаме како фракција. Сметаме дека е демократски чин изразувањето на поинакво мислење и дека тоа ќе ѝ помогне на партијата да ги исправи пропустите во своето функционирање. За жал, три години по ред алармираме дека не се почитуваат Статутот и програмата на партијата. Се обврзуваме дека ќе бидеме гласот на потребите и барањата, не само на нашиот електорат, туку на сите Албанци и овој глас нема никој да го замолчи, гласот на народот е сè, тој е гласот на разумот и ќе го покажеме тоа на дело преку севкупното функционирање“,изјави градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.

Тој нагласи дека „ДУИ е дом кој сме го граделе со сите сили и не сакаме да го загрозиме“.

„Но мора да нагласиме дека има двојни стандарди за време на дебатите и носењето на одлуките. Нашиот предлог за гласање недоверба на министрите беше одбиен. Органите на ДУИ не функционираат според Статутот. Политичките одлуки се носат исклучиво од министрите на ДУИ. Органите се третираат како декор“,нагласи Ганиу.

Тој посочи дека меѓу нив и ДУИ има разлики во ставовите околу спроведувањето на албанскиот јазик во пракса и изнесе неколку предлози за власта.

„Сметаме дека сега е погоден политички момент формулата 20 проценти да се тргне од Уставот. Никаде и никој не го спомнува придонесот на ОНА. Сметаме дека треба да се направи закон за регулирање на статусот на семејствата на борците на ОНА. Време е да предложиме дијаспората да гласа по електронски пат и државата да обезбеди услови за тоа. Законот за казината треба да биде предмет на јавна дебата и ние сме за тоа тие да бидат надвор од населени места. Ние сме против зголемување на платите на функционерите. Треба да се зголеми минималната плата на 500 евра, да се зголеми просечната плата, да се зголемат платите на вработените во администрација, бидејќи така ќе го спречиме одливот на нашите граѓани. Македонија е најцентрализирана држава во регионот. Потребно е да се зајакнат општините“,подвлече Ганиу и додаде дека ќе продолжат со нивната активност со членството на партијата и симпатизерите и ги повика сите да им се придружат.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со изградбата на коридорите и коментирајќи го назначувањето на вицепремиерот Артан Груби за координатор на активности во врска со реализацијата на коридорот 8, Изет Меџити рече дека поддржуваат инфраструктурни проекти, но ако навистина се реализираат. За новата функција на Груби оцени дека е политичка злоупотреба.

Total
0
Shares
Поврзани објави