Штипска Апелација го пушти од притвор Шабан Салиу, осомничен во случајот за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, потврдуваат оттаму за „Скопје1“. За разлика од претходните ослободувања кои дојдоа по предлог на Обвинителството, овојпат, тие се уште немаат добиено ниту решение. За тоа време, Салиу, веќе може да се шета слободно, а како мерка на претпазливост му е одземен само пасошот и треба да се јавува во скопскиот Кривичен суд двапати неделно. Салиу има и забрана за да се доближува и контактира со сведоци, вешти лица и оштетени.
Адвокатот Шенај Османов, бранител на Салиу, барал ослободување на клиентот поради неговата здравствена состојба, но и здравствената состојба на неговата сопруга за која рекол дека има потреба од постојана нега. Според бранителот, сопругата била со нарушено здравје и поради притворот на осомничениот Салиу.
„Осомничениот Шабан Салиу досега е неосудувано лице, јавна личност, со функција актуелен минситер без ресор во Владата, со позната адреса и стабилна професионална и семејна положба“, рекол неговиот бранител барајќи да го пуштат од притвор, а потоа во одлуката стои: „Како бранител, смета дека обвинението што се заснова не се поткрепува со конкретните дејствија кои одговараат на ингеренциите што обвинетиот ги имал во период од 2012 до 2017 година, додека ја извршувал функцијата директор на Дирекцијата за заштита и спасување. Во текот на своето неговото работење, осомничениот не потпишал, а ниту пак прифатил било каков елаборат поврзан со објектот – дискотеката во Кочани. Немал надлежност да извршува увид, контрола или пак било какви инспекциски постапки во објекти кои не се изградени согласно урбанистичко-техничката документација, поточно диви градби. Осомничениот Шабан Салиу не бил дел од процедурата за издавање дозволи, технички прием или процена на безбедност во објектот каде што настанал пожарот“, стои во одлуката.
Потоа, штипска Апелација смета дека одлуката со која Салиу добил притвор не е основана.
„Првостепениот суд при одлучувањето која од мерките за обезбедување на присуство на обвинетиот ќе ја примени, не водел доволна сметка за тоа дали основната цел на определување на мерките за обезбедување на
осомничениот, може да биде постигната со определување на некоја друга поблага мерка на претпазливост односно да не се применува потешка мерка ако истата цел може да се постигне со поблага мерка“, објаснува штипска Апелација, па додава: „Овој суд утврди дека осомничениот кој е роден 1961 година, има семејство, татко е на едно полнолетно дете, со брачна другарка со тешко нарушена здравствена состојба и потреба од грижа, е со цврсти врски во средината каде живее имајќи го предвид и неговиот општествен, семеен и личен статус, дека истиот е неосудуван и постапка за друго дело не се води. Нема докази во списите од предметот дека осомничениот патувал во странство и кога. Со оглед на неговата возраст, како и семејните односи, овој суд утврди дека опасноста од бегство или можноста осомничениот на друг начин да се крие и на тој начин да го попречува успешното водење на кривичната постапка, може да се отстрани со мерки на претпазливост – Забрана за напуштање на живеалиштето-град С.. Привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државна граница и забрана за нејзино издавање, Забрана за употреба на лична карта за преминување на државната граница и обврска осомничениот да се јавува во Основен Кривичен суд Скопје, кај определено службено лице секој понеделник и петок“.
извор: Скопје1.мк