Од први февруари, еврото единствена валута во Косово

Централната банка на Косово (ЦБК) донесе уредба според која од 1 февруари единствена валута за готовина и платежни трансакции ќе биде еврото.

Во тој указ се наведува дека ваквата уредба е донесена во согласност со Уставот на Косово и законот на Централната банка на Косово и дека ЦБК е единствената „монетарна власт која може да одлучува за дозволените апоени на евро валутата за промет на територијата на Косово“.

Досега српските заедници во Косово користеа и динар (РСД), официјалната валута на Србија. Платите на вработените во српските институции се исплаќаат во динари, како и пензиите во српскиот систем, детскиот додаток или социјалната помош.

Исто така, во српските области, динарите се користат во трговските објекти, додека во општините со српско мнозинство на северот на Косово, цените се во динари.

Сепак, регулативата на Централната банка на Косово наведува дека другите валути, освен еврото, можат да се користат во Косово само како вредност за чување во физичка форма или на банкарски сметки во валути различни од еврото, за вршење меѓународни плаќања во валути кои не се евро и за девизни активности.

„Замена на валута во Република Косово може да се врши само преку институции кои се лиценцирани од Централната банка на Косово и ја нудат оваа услуга“, се вели во соопштението од банката.

Динарите стигнуваа во Косово од Србија преку Народната банка на Србија, која има трезор во Лепосавиќ, општина со српско мнозинство на северот на Косово.

Во уредбата на Централната банка на Косово се наведува дека увозот и извозот на банкноти и монети евро, како и други валути, во Косово ќе бидат ексклузивно право на Централната банка на Косово.

Претходно српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека косовските власти имаат намера да го укинат динарот и да извршат „упад“ во Поштенската штедилница.

Владата на Косово не се огласи по ова прашање.

Total
0
Shares
Поврзани објави