Од утре во три часот по полноќ почнува зимското сметање на времето, со што стрелките на часовникот ќе се вратат еден час назад. Тоа значи дека стрелките на часовникот во три часот, ќе се поместат на 2 часот.
Зимското сметање на времето почнува секој последен викенд во октомври и трае до последниот викенд во март следната година, кога повторно настапува летното сметање на времето.
Изминатите години имаше иницијативи за прекин на праксата за промена на времето, но досега тоа не се случи.
Освен во државата, зимското сметање на времето се применува и во голем број европски земји, освен во Исланд, Русија и Белорусија.
Европскиот парламент во март 2019 година изгласа да биде укинато сезонското поместување на времето од 2021 година, но Советот на ЕУ сè уште нема донесено конечна одлука.
Сезонското менување на времето се применува и во повеќе земји од Северна и од Централна Америка, како и во повеќе држави во светот.
Времето не се менува во Јапонија, Кина, Јужна Кореја, ниту во земјите од африканскиот континент.