Османи и Генчовска денеска ќе го потпишат протоколот

Состанокот во Софија и потпишувањето на протоколот денеска следуваат откако вчера Собранието на Северна Македонија ги изгласа заклучоците за францускиот предлог, а Владата потоа одлучи да го прифати предлогот. Во вторник (19 јули), пак, предвидено е одржување на првата меѓувладина конференција на земјава со ЕУ

Во Софија денеска треба да се одржи состанок на мешовитата меѓувладина комисија на Северна Македонија и Бугарија, а министрите за надворешни работи, Бујар Османи и Теодора Генчовска треба да го потпишат протоколот.

Состанокот се одржува согласно членот 12 од Договорот за добрососедство од 2017 година, а според дипломатски брифинг, протоколот што ќе го потпишат шефовите на дипломатиите предвидува реципроцитет во сите делови освен во делот на правата на Бугарите во Македонија за кој не постои паралела со правата на Македонците во Бугарија поради ограничувањата во бугарскиот Устав.

Се очекува на денешниот состанок содржината на овој документ да биде финализирана и потпишана како записник од средбата на меѓувладината комисија.

„Предвидено е и заедничко чествување на историски ликови и настани, како и промена на учебници, но дури откако за тоа ќе се договорат историчарите во историската комисија. Нема рокови за работа на историската комисија туку охрабрување научниците што побрзо да ја завршат работата за средновековниот период. Роковите за промени во историските учебници и за чествувања ќе има откако мешовитата владина комисија ќе ги усвои заедничките заклучоци на историчарите“.

За Самуиловото царство ќе се користи формулацијата која веќе е договорена од историчарите во комисијата.

Делот со реципроцитет за обврски за двете држави содржи и борбата против говорот на омраза.

Уставните измени се содржани во предлог-протоколот со формулација „припадници на други народи, како што е бугарскиот народ“.

Состанокот и потпишувањето на протоколот денеска следуваат откако вчера Собранието на Северна Македонија ги изгласа заклучоците за францускиот предлог, а Владата потоа одлучи да го прифати предлогот.

Потпишувањето на протоколот, пак, е во пресрет и на првата меѓувладина конференција за отворање на преговорите со ЕУ.

Total
0
Shares
Поврзани објави