Осомничениот за масовното убиство во САД пронајден мртов

Роберт Кард, осомничен за убиство на 18 лица и ранети 13 во престрелка во бар и куглана во Левистон во американската сојузна држава Мејн, е пронајден мртов по тридневна потрага, соопшти денеска полицијата. „Осомничениот за пукањето во средата вечерта е лоциран“, објави канцеларијата на шерифот на округот Андроскогин на Фејсбук.

Гувернерката на Мејн, Џенет Милс, на прес-конференција потврди дека телото на Роберт Кард е пронајдено во близина на градот Лисбон.

„Долгата потрага е завршена, полицијата ќе продолжи да истражува за да ја открие вистината за тоа што се случило“, изјави Џенет Милс, додавајќи дека „жителите на Мејн можат да здивнат и дека таа за сè го информирала американскиот претседател Џозеф Бајден и членовите на Конгресот“.

Телото на Роберт Кард е откриено во шума во близина на соседниот град Лисбон, каде што полицијата го пронашла неговото напуштено возило набргу по масовното убиство, пренесува Ројтерс.

Началникот на полицијата во Левистон потврди дека Кард е мртов.

Неколку американски медиуми, повикувајќи се на неименувани полициски извори објавија дека Кард извршил самоубиство со огнено оружје.

Масакрот во Мејн е најсмртоносниот од 566 масовни престрелки во САД оваа година. Со 18 убиени, масовното пукање во Левистон е и најсмртоносното од масакрот во Јувалде во мај 2022 година, кога 21 лице беа убиени во основно училиште во Тексас.

Total
0
Shares
Поврзани објави