Папата Лав Четиринаесетти е „папа од центарот“

Роберт Превост е роден во Чикаго, во 1955 година, и таму се приклучил на Августинскиот ред. Прво студирал математика и теологија во Чикаго, а подоцна канонско право во Рим. Како свештеник, Превост бил испратен во Перу како мисионер и оттогаш течно зборува шпански и италијански.

Како папа Лав Четиринаесетти, тој би можел да дејствува како градител на мостови меѓу различните култури и црковните региони, рече за американската телевизија Си-Ен-Ен свештеникот Едвард Бек, кој студирал заедно со Превост.

Превост е скромен и тивок човек со голем интелект и вистинска визија за Католичката црква.

Назад во Перу

Во 2001 година, Превост беше назначен за Генералприор во Рим, значи за највисок раководител на Августинскиот ред, пред папата Франциско да го врати во Перу во 2014 година и подоцна да го назначи за епископ таму.

Речиси десет години подоцна, папата Франциско го врати во Ватикан за да ја води влијателната канцеларија која ги разгледува номинациите за епископи од целиот свет – една од најважните задачи на Католичката црква.

Таму, Превост ја спроведе една од најреволуционерните реформи на папата Фрациско, додавајќи три жени во телото кое одлучува за номинациите на епископите што треба да му бидат проследени на папата.

„Епископот не треба да биде мал принц“

Во тоа време, Превост постојано ја нагласува понизноста на епископската функција, како во оваа изјава на Ватикан од минатата есен.

„Како што повеќепати нѐ потсети папата Франциско, епископот е повикан да служи. Неговиот авторитет е службата. Тој не треба да биде мал принц кој седи во своето царство. Наместо тоа, тој е повикан да дејствува автентично и понизно; да биде близок со луѓето на кои им служи. Тој треба да ги придружува, да страда со нив и да бара начини како подобро да ја живее пораката на Евангелието меѓу луѓето.“

Ценет од прогресивците и конзервативците

Во неговото време како кардинал, Превост во Рим се сметаше за „човек од центарот и меѓународната соработка“, ценет и од прогресивните и од конзервативните црковни претставници поради неговиот дипломатски, прагматичен и скромен стил.

Роберт Превост подолго време се сметаше за кандидат за папа. Но, неговиот избор се сметаше за неверојатен поради неговата татковина, бидејќи САД веќе имаат голема геополитичка моќ во секуларната сфера.

Изненаден и резервиран

Дури и на улиците на Вашингтон, многу луѓе се изненадени од исходот на конклавата во Рим. Еден минувач тоа го нарекува „возбудлива вест“, друг вели: „Промената е секогаш добра“.

Меѓутоа, поважна од неговото потекло е широката поддршка за новиот папа и неговото вистинско влијание, а за тоа ќе треба да почекаме и да видиме, вели друга случајна минувачка.

Американскиот претседател Доналд Трамп го опиша првиот избор на Американец на највисоката функција во Католичката црква како голема чест за САД. Тој нагласи дека веќе се радува на првата средба.

Автор на текстот: Самуел Јакиш, АРД обработка Дојче веле

Total
0
Shares
Related Posts