Температурите ќе растат, ама и во следните два дена ќе има поројни дождови. Од Управата за хидрометеоролошки работи, велат, нестабилноста со себе ќе носи и појава на град, засилен ветер и грмежи. Локално очекуваат да наврне и над 20 литри на метар квадратен. Од УХМР велат нестабилноста се движи брзо, па тешко било да се предвиди кој дел од државата ќе биде погоден од невреме.
„Врнежите се од локален карактер во овој период од годината и непредвидливо е каде ќе има повеќе врнежи. Денеска, пообилни врнежи има во западниот дел од скопската котлина, а во источниот, врнежите се значително помали, значи доста се локални процесите и е навистино тешко да се предвиди каде ќе има повеќе врнежи“, велат од УХМР.
Од управата засега не предупредуваат за зголемување на водотеците и можност за излевање.. Сепак, поројните врнежи на повеќе патни правци низ државата создаваат проблем за одвивање на сообраќајот. Повторно се отвори дупката кај Долно Косоврасти, карпи затрупаа дел од коловозна лента на патот Неготино-Штип, а поситни одрони има речиси на сите патишта кои минуваат низ клисурите.
Од Центарот за управување со кризи предупредија дека во одредени делови од државата е можно поплавување и на градски сообраќајници.