По оставката на премиерот Заев, во оставка е цела Влада, шефот на државата го чека новиот мандатор

Вчерашната оставка на премиерот Зоран Заев всушност значи оставка на цела Влада. Според член 93 од Уставот, сега Заев за ова треба и писмено да го извести претседателот на Собранието, по што следува процедурата за избор на нова влада. 

 

Во членот 93 од македонскиот Устав пишува дека „…оставката на претседателот на Владата, неговата смрт или трајната спреченост да ја врши функцијата, повлекуваат оставка на Владата… Владата на која ѝ е изгласана недоверба, која поднела оставка или на која мандатот ѝ престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова Влада“.

Значи, формално-правно, премиерот и актуелната влада продолжуваат со работа сѐ додека шефот на државата не го довери мандатот за состав на Влада на кандидатот на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Потоа, новиот мандатор во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, треба на Собранието да му поднесе програма и да го предложи составот на Владата.

По вчерашните резултати од вториот круг на локалните избори и убедливиот пораз на кандидатите на СДСМ, Зоран Заев поднесе оставка и од премиерската функција и од лидерската во СДСМ.

„Ја преземам одговорноста на себе. Поднесувам оставка од премиер и претседател на СДСМ. Им честитам на сите прогресивни граѓани кои се бореа силно за интегрирана Северна Македонија“, изјави синоќа Заев.

Тој додаде дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека очекува дури и да се зголеми, дека мандатот за состав на нова влада останува во рацете на СДСМ и дека треба да се заокружи четиригодишниот мандат на коалицијата со ДУИ. Нема потреба од вонредни парламентари избори, рече синоќа Заев.

Лидерите на опозициските партии веќе најавуваат ново собраниско мнозинство, нова влада и предвремени парламентарни избори.

Total
0
Shares
Поврзани објави
Повеќе

Почина Тоде Новачевски

Популарниот композитор Тоде Новачевски ја изгуби битката со тешката болест, канцер. Веста дека починал ја потврди Росана, простувајќи…