Премиерот Христијан Мицкоски, рече дека на негова одговорност, биле транспортирани повредените, бидејќи дел од медицинарите му укажале дека во таква состојба тие не можат да бидат пренесени во болниците во соседството. Посочува дека ако не биле пренесени, ќе имало повеќе жртви.
„Јас имам 47 години, но кога би анализирам кој бил најтежок ден во мојот живот, тоа беше тој ден. Беше 3:30 наутро, кога човек тропаше на вратата од мојот дом. Тоа беше човек од обезбедувањето на министерот за внатрешни работи, бидејќи не го гледав телефонот. Нормално, спиете тогаш. Веднаш се совземав и ги повикав луѓето од мојот тим да одиме веднаш во Кочани. Во 05 часот стигнавме таму“, рече Мицкоски.
Тој рече дека најтешки биле одлуките кога доаѓала понуда за помош од секаде, а особено од регионот, а ние немаме брилијантни односи со некои од соседите.
„И тогаш кога треба да носите одлука мора да водите сметка за сите последици. А од друга страна дел од медицинските лица ви велат дека пациенти во таква тешка состојба не се за транспоритрање. Кога прашав кога е опцијата – тие рекоа ние да ги негуваме, а веројатно ќе имаме повеќе жртви од сега. И тогаш размислив неколку секунди. Им реков да ги спремат пациентите и веднаш да се транспортираат. Еден од нив рече дека е на моја одговорност, а јас реков: да, на моја одговорност“, додаде Мицкоски.