Славната Мара Попара имала исклучително тежок живот- починала во најголеми маки откако пред само неколку месеци ѝ починало единственото чедо-синот Александар

Не престануваат реакциите во јавноста по смртта на легендарната македонска актерка Катерина Крстева која почина пред два дена.

Откако актерот Гоце Тодоровски, инаку нејзин колега од култното радиошоу „Хихирику“, откри дека славната Мара Попара имала исклучително тежок живот пред да замине на оној свет, блиски пријатели на семејството открија дека Крстева умрела во најголеми маки откако пред само неколку месеци ѝ починало единственото чедо-синот Александар.

Во меѓувреме се огласи и актерката Стојна Костовска која на колегите од МНТ им порача да се засрамат, наместо да организираат комеморација.

„На погребот видов дека немаше ниеден колега. Многу мразам лицемерни луѓе и затоа сакам да порачам на МНТ да не прават драма, да не организираат никаква комеморација, бидејќи матичната куќа не ѝ се најде тогаш кога најмногу ѝ требаше. Мене Кате ми рече: „Ако починам, немој случајно да ме зборнат во театар, никако. Јас само еднаш побарав помош и не ми се најдоа. Мене во театар никој не ме познава, како воопшто да не сум била дел од таа куќа“. А не е Кате единствената која е разочарана од односот на театарот кон своите легенди. Кате ја погреба сестра ѝ од Белград со семејството. А од МНТ? Од МНТ дојде само едно момче, кое донесе една мизерна икебана. Момчето што дојде го прашав во кое својство е. Ми рече дека е асистен на декоратер?! Замисли, и таква професија имало. Но, што е виновно детето. И тоа во земја пропадна од срам, дојде со велосипед?! А знаеш ли што сѐ има МНТ? Срамота“, обвини Костовска за порталот „ММС“.

Овие наводи од МНТ ги нарекоа невистинити. Нивната реакција ви ја пренесуваме во продолжение:

„Благодарение на актерката Весна Петрушевска, Македонскиот народен театар беше информиран за влошената здравствена состојба на актерката Катерина Крстева. Матичната куќа веднаш стапи во контакт со семејството и ги превзема сите чекори во однос на подобрување на нејзината состојба во здравствените институции, со постојан контакт со здравствените работници и во координација со семејството. За целиот овој период Кате беше опкружена со грижа од нејзината сестра г-ѓа Јелиќ и најблиски роднини.

За жал, нашата Кате не ја доби битката за живот.

Желба на семејството беше последното испраќање да биде во кругот на семејството. Во јавноста беше изнесено дека Стојна Костовска била во постојан контакт со Катерина Крстева во последниот период. Семејството тврди дека првиот контакт и запознавање со Костовска се случил на погребот.

Македонскиот народен театар во договор со г-ѓа Јелиќ-сестрата на Катерина Крстева, ја организира отворената комеморација која ќе се случи на 12 јануари (четврток) во 12:00 часот во МНТ.

Овие изминати три дена, за жал ниту еден медиум не се јави во МНТ да ја слушне и другата страна, со што ја објавуваме реакцијата во координација и одобрување на г-ѓа Јелиќ.

Матичната куќа и семејството на починатата актерка Катерина Крстева ја замолува јавноста да не изнесува понатамошни невистини и да ја оставиме нашата Кате да почива во мир“.

Total
0
Shares
Поврзани објави