Тројца од петмината македонски државјани вчера се безбедно евакуирани од Појасот Газа. Преку граничниот премин Рафах се евакуирани татко со две деца, а заедно со нив е и мајката која е државјанка на Палестина.
Според соопштението на македонското Министерството за надворешни работи (МНР), по напуштањето на Газа, четворицата се пренесени на египетска територија, а од Каиро се очекува да допатуваат во Северна Македонија.
На официјалните листи за евакуација од Појасот Газа се уште двајца македонски државјани – брачен пар. Според МНР, нивната евакуација зависи од состојбите на теренот, односно од безбедносната проценка кој дел од Газа е најпогоден, а со тоа и потребата за итна евакуација на странските државјани.
„Министерството за надворешни работи преку својата дипломатска мрежа во Каиро и Тел Авив останува во постојана комуникација со надлежните институции на Египет и Израел како и со нашите државјани до завршување на целосното евакуирање на нашите граѓани“,посочуваат од Министерството.
Пограничните власти на Газа вчера го објавија списокот со околу 600 странски државјани и лица со двојно државјанство од повеќе земји на кои ќе им биде дозволено да ја напуштат Газа, а меѓу нив беа и државјани на С Македонија. Преминот Рафах беше отворен завчера по повеќе од три недели целосна блокада од страна на Израел, поради што голем број странски државјани се најдоа заглавени во Појасот.