Три и пол години затвор за Јанакиески во „Топлик“

И другите петмина обвинети со првостепената пресуда се прогласени за виновни. Претседателот на Комисијата за јавно наддавање доби затворска, а другите четворица члена добија условна казна

Денешната пресуда е петта по ред која ја изрекува Основниот кривичен суд Скопје во случај во кој обвинет е поранешниот министер Миле Јанакиески. Од претходните четири, во две тој доби условна, а во две затворска казна. Пред судот, пак, во тек се уште четири судски процеси

Три години и шест месеци затвор изрече денеска Основниот кривичен суд Скопје за поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, во случајот „Топлик“ кој се однесува на продажба на градежно земјиште за изградба на резиденцијалната населба Сончев Град во Сопиште.

Покрај Јанакиески, осудителни пресуди добија и останатите петмина обвинети кои во врска со продажбата на земјиштето биле дел од Комисијата за јавни наддавања во Министерството за транспорт врски. Еден од останатите петмина обвинети, Томе Ѓурчиловски кој бил претседател на Комисијата, исто така, доби затворска казна во траење од 3 години затвор. Останатите четворица (Димитар Димовски, Марица Тасева, Димитар Гаќев и Веса Томчевска), пак, добија условни казни затвор од две годни кои нема да се извршат ако во рок од пет години не сторат ново кривично дело.

Сите обвинети во случајот се гонат за злоупотреба на службената положба и овластувања, а настанатата штета на буџетот е 64 206 839 денари.

Според обвинителството, Јанакиески од првичната комисија за јавни наддавања добил записник дека не се исполнети условите за објава на јавното наддавање, но тоа го игнорирал, па составил нова комисија од сега обвинетите и побарал сепак да ја објават постапката за наддавање. Членовите на новоформираната комисија, тврди обвинителството, иако знаеле дека не се целосно обезбедени податоците за градежното земјиште го реализирале тоа односно она што не било во ред со постапката е што 13 катастарски парцели не одговарале со тоа што е предмет на договорот за купопродажба. Потоа бил потпишан и договор со трговско друштво кое го купило земјиштето, но тој договор, според обвинителството, не можел да се реализира поради проблеми со катастарските парцели. Од тие причини договорот за купопродажба на земјиштето бил раскинат, а Министерството морало да ги врати парите и отплатило затезна камата.

Пресудата за случајот е првостепена и странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд Скопје.

Total
0
Shares
Поврзани објави