Условни казни и ослободителна пресуда за пожарот во Тетово

Ексдиректорот на болницата во Тетово, Флорин Бесими и поранешниот економски директор на болницата Артан Етеми добија условни казни за пожарот во модуларната болница во Тетово, додека докторот Бобан Вучевски кој беше обвинет за „непостапување според здравствените прописи за време на пандемија“ е ослободен од обвинение. Тетовската болница треба да плати милион денари, а семејствата на загинатите во трагедијата отштета ќе можат да побараат во граѓански спорови. Ова е епилогот од судскиот процес кој се водеше во Основниот суд во Тетово, во врска со пожарот кој се случи на 8 септември 2021 година во модуларната болница во Тетово, во која што настрадаа 14 луѓе. 

Судот смета дека обвинетите Бесими и Етеми се виновни, бидејќи предизвикале опасност за животот на пациентите и нивните роднини кои биле во болницата во моментот кога избувнал пожарот, поради што се осудени на казна затвор од 1,5 година, која што им се заменува со условна казна, со која во период од три години не смеат да сторат ново кривично дело. 

Во образложението на пресудата се наведува дека тие не поставиле пропишани уреди за заштита од пожар, со што предизвикале опасност за животот и телото за луѓето и пациентите болни со Ковид-19. Исто така, не постапиле според мерките и активностите од  договорот за заем со Светска банка. Иако биле должни да имаат противпожарна опрема, на денот на пуштање во употреба на модуларната болница па сѐ до настанување на пожарот немале соодветни уреди за заштита од пожар. 

Докторот Вучевски е ослободен од обвинение, како и  Клиничката болница, која како правно лице се товареше за две кривични дела – „предизвикување општа опасност“ и за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“. Одлуката на судот беше поздравена со аплаузи од толпа граѓани кои и денеска, како и во текот на целиот судски процес, му ја изразуваа својата поддршка. 

„Голема благодарност за сите пријатели кои не дозволија да останам сам. Благодарност за правдата што излезе дека јас како доктор сум бил со вас, а сега уште повеќе ќе бидам со вас“, изјави Вучевски по изрекувањето на пресудата.

Вечерта на 8 септември во тетовската модуларна болница за ковид-пациенти се случи една од најголемите трагедии во историјата на државата. Потврдена беше смртта на 14 лица кои биле директни жртви на огнената стихија. Најмалку 12 лица беа повредени. 

Македонските крим-техничари утврдија дека пожарот во модуларната болница во Тетово настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат. Ова беше единствениот конкретен податок којшто укажуваше која била иницијалната каписла за избувнувањето на пожарот. Неколку месеци подоцна својот извештај го доставија и германските експерти коишто вршеа вештачење во странски лаборатории. 

Судскиот процес започна во декември 2022 година. 

Total
0
Shares
Поврзани објави