Една затворска и пет условни казни е епилогот од четиригодишниот судски процес „Насилство во Центар“ познат како „Шамарите за Жерновски“, соопшти денеска судијата Душко Јосифовски. Поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство, доби казна затвор од година и пол, додека второобвинетиот, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески доби условна казна.
Обвинетите Александар Трајковски, Дарко Стојчевски, Даниел Трипуновски и Игор Бошковски добија условна казна затвор.
Обвинителката Фатиме Фетаи не е задоволна од пресудите и најави жалба бидејќи освен казна затвор не треба да биде доделено ништо друго.
„Сите измени во обвинението се направени врз основа на исказите и доказите кои беа презентирани во судот. СЈО и кое било друго овластувања ги завршува кога во судница ќе ги докаже обвиненијата. Нашата работа во првостепената постапка завршува тука“, вели Фетаи.
Одбраната е незадоволна од пресудата затоа што во завршните зборови бараа ослободителна пресуда.
„Мојот клиент не е виновен, не ги сторил дејствијата кои му се ставаат на товар и тоа значи дека најверојатно ќе пишуваме жалба“ вели адвокатот на Јанакиески Еленко Миланов.