Васил Јованов осуден на 12 години затвор за смртоносното прегазување на Фросина Кулакова

Возачот Васил Јованов, кој смртоносно ја прегази младата дизајнерка Фросина Кулакова на пешачки премин, поминувајќи на црвено светло, е осуден на 12 години затвор. Тој доби и забрана за управување со моторно возило. Судијката Снежана Марковска рече дека најниската казна за делото за кое се гони Јованов е четири години, а највисоката е 20 години.

„Обвинетиот Васил Јованов е виновен. Судот обвинетиот го осудува на казна затвор во траење од 12 години. Му се изрекува и забрана за управување со моторно возило“, рече судијката Снежана Марковска.

Таткото на Фросина Кулакова, Тодор, револтиран од висината на казната, ја напушти судницата.

„Судот е мафија!“, рече тој и излезе од салата.

Судијката кажа кои се отежителните околности.

„Ја имавме в предвид тежината на делото, отежнивачките и олеснителните околности. Ги ценевме поранешниот живот на сторителот, и другите околности на личноста на сторителот. Судот го ценеше интензитетот на дејствието и другите објективни околности – а се состои од многу прекршувања на бланкетни норми од Законот за заштита на патиштата, кои се фиксирани задолженија и забрани, кои возачот морал да ги почитува, а упатуваат на висок интензитет на инкриминрано дејствие. Настанатата смртна последица според законот не може да се цени за отежителна околност, но судот ја цени загубата на млада девојка, која ја чувствува семејството со висок интензитет, кое побара највисока казна. Судот како отежителна околност го ценеше и неговиот поранешен живот – обвинетиот е претходно правосилно осуден за кривично дело неовластено производство на психотропни дроги, на казна затвор од 3 години и 10 месеци. Се уште ја нема издржано и не се знае како би влијаела. Тој наместо да се одврати со било какви судири со законот, додека чекал правосилност на таа постапка, тој управувал возило без возачка, под дејство на алкохол, развил брзина на движење во населено место, па на запалено црвено светло, продолжи со движење и удрил пешак кој се движел прописно на зелено светло и кој со ниту едно дејствие не придонел за сообраќајната несреќа. Против обвинетиот Јованов има неколку прекршочни предмети – забрана за управување на возило под дејство на алкохол, непочитување на безбедноста во сообраќајот, возење на црвено светло. Односот на лицето е игнорантски, дрзок…“, рече меѓудругото судијката Марковска.

Судот ги ценеше и олеснителните околности, рече судијката.

„Ги ценеше доказите од одбраната – благодарниците, дипломите. Тој е спортист кој добивал признанија. Тоа се за личните прилики, за неговите склоности. Судот ја ценеше и возраста на обвинетиот, делото го сторил на 20 години, тој спаѓа во категорија помлади малолетници. Кај обвинетиот постои чувството на вина, истиот е свесен за последиците по губитокот на животот на жртвата. И кај него и кај потесното семејство. Презема одговорност за делото кое го сторил, изразил сочувство, се извини за тоа што го сторил. А откако ги согледал последиците од сосптвените дејствија – прикажува жал и себе прекорување, што се гледа и од видео записот од лице место. Овие околности кои го изразуваат неговиот однос, неговото признание на вина, судот исто така ги ценеше како олеснителни околности“, посочи Марковска.

Во судската сала, беа присутни родителите на загинатата Фросина Кулакова, како и родителите на Васил Јованов.

На првото рочиште, Јованов призна вина и се извини на семејството на Фросина.

Total
0
Shares
Related Posts
Повеќе

Нинџа со нови детали: Директорот на УБК му рекол “комуњарите сакаат да бираат претседател и во секој момент треба да биде прогласена воена состојба”

„За заедничка Македонија“, беше формирана од ВМРО-ДПМНЕ и имаше фиктивни водачи. На протестите на „За заедничка Македонија“ 80…