Денеска хоспитализирани нови 35 пациенти со корона

Триесет и пет пациенти се пренесени на скопските клиники поради компликации од коронавирусот во изминативе 24 часа. Повеќе од 400 лица се лекуваат во ковид центрите во главниот град, од кој голем дел се на кислородна поддршка, известува ТВ24. 

Телевизијата тврди дека докторите од инфективните одделенија во Скопје уште вчера преку видео обраќање до граѓаните предупредиле дека болничките капацитети се пополнети и дека тешко се справуваат со динамиката на приеми и исписи на пациенти. 

Во услови на кризна состојба, кога секојдневно се случува да нема место за да се сместат пациенти во државните болници, наместо да преговара, државата час поскоро да ги ангажира приватните болници во справувањето со епидемијата, изјавил за телевизијата, поранешниот министер за здравство, Арбен Таравари.

Таравари сметал дека досега Министерството за здравство требаше да донесе конкретни одлуки и барања со кои што ќе се стават на располагање и ресурсите на приватните здравствени установи.

„Јас не знам зошто министерот преговара еднаш, двапати, трипати, вака може уште три месеци да преговараат, а се работи за состојба во која се случува секојдневно да има пациенти кои што нема каде да се сместат, во вакви случаи воопшто не треба да се преговара туку да се даде одлука за што планираат и како планираат што да се искористи и за колку време тие приватни болници кои што исто така имаат општествена одговорност и треба во ваква состојба не да преговараат туку како да помогнат на наслението и на целокупната држава“, изјавил Таравари.

Министерот Филипче денеска се сретнал со директорите на повеќе клиники и ГОБ „8 Септември“. 

„Капацитетите брзо се пополнуваат, но скоро воопшто да не се чека за хоспитализација, не само на пациенти од Скопје, туку од секаде низ државата“ заклучил министерот. 

Филипче во петокот се сретна и со сопствениците на приватните болници „Жан Митрев“, „Систина“ и „Ремедика“.

Од Министерството по средбата соопштија дека тие изразиле позитивен став за користење на нивните ресурси, но рекоа дека заеднички на нови средби ќе ги прецизираат условите и начинот на користење на ресурсите на приватните здравстевени установи. 

Дел од сопствениците изјавија дека и кај нив притисокот од пациенти е голем, а листите на чекање се долги, но дека се ставаат на располагање на државата да помогнат во справувањето со епидемијата.  

Total
0
Shares
Поврзани објави