Голем протест на 29 ноември: Да кажеме НЕ на 3500 смртни случаи годишно директно поврзани со аерозагадувањето

Организацијата за заштита на животната средина Fridays For Future Skopje на 29 ноември организира протестен марш кој ќе се одржи пред Министерството за животна средина и просторно планирање.

Според најавата, протестот ќе започне во 17 часот пред зградата на Министерството и ќе заврши пред Владата.

-Дојди заедно да кажеме НЕ на загадувањето на воздухот и негрижата на институциите за животната средина! Да кажеме НЕ на 3500 смртни случаи годишно директно поврзани со аерозагадувањето!, стои во креираниот настан на социјалната мрежа Фејсбук.

Од Организацијата велат дека додека светот бара решение за климатската криза, тука се соочуваме со незапаметено загадување на воздухот.

-Во овој токсичен амбиент повеќе од 3500 луѓе годишно умираат од болести поврзани со аерозагадувањето, а останатите гледаат што побрзо да ја напуштат државата. Причината за загадувањето кај нас, и за климатските промени пошироко, е иста: тотална подреденост на сите економски сектори на фосилните индустрии контролирани од бизнис елитите, и тотална незаинтересираност на политичките елити за било какво справување со овој неодржлив систем. Бараме радикална промена на политичките приоритети и радикална трансформација на општествено-економската поставеност, која ќе ја отфрли саможивата филозофија на владејачката класа и која ќе го стави обичниот човек на прво место. Во спротивно, нашиот одговор ќе биде радикален. Во секојдневие кое се повеќе наликува на Чернобил, повеќе немаме што да изгубиме. Со оглед на претстојните избори, од масовноста на овој протест зависи дали ќе го слушнат нашето барање за основни услови за живот. Сите претходни протести во врска со загадувањето биле премали за да ги натераат властите да се посветат на неговото решавање. Придружете ни се, да го направиме овој протест најголем досега, затоа што ова не засега сите, и само на овој начин ќе не послушаат, стои во објавата на Фејсбук.

К.Мачкиќ

Total
0
Shares
Поврзани објави