Поранешниот македонски премиер Никола Груевски се изјаснил дека сака да побара политички азил во унгарско претставништво надвор од Македонија и Будимпешта нема никаква врска со неговото бегство од матичната држава, изјави денеска Гергеј Гујаш, шеф на Кабинетот на претседателот на унгарската Влада, Виктор Орбан.
Тој не сакаше да открие во која земја Груевски го поднел барањето и како стигнал до Службата за имиграција и азил во Будимпешта каде што ги поднел документите и бил сослушан од службениците.
Гујаш истакна и дека Унгарија се уште не добила официјално барање од Македонија за екстрадицијата на Груевски, но нагласи дека ако такво барање пристигне, тогаш Будимпешта ќе постапи согласно законите.
Од македонското Министерство за правда вчера соопштија дека се подготвува потребната документација за екстрадицијата, откако кај нив стигнало известување од Министерството за внатрешни работи дека Груевски се наоѓа во Унгарија. За екстрадиција на Груевски потребни се документи од Судот односно правосилна пресуда, извадок од КЗ за описот на делото и застареноста на кривичното гонење односно за извршувањето и барање од Судот до надлежниот орган во државата каде што треба да се постапи за екстрадиција.
МИА