На заболените со ковид-19 во земјава од денеска им е достапен лекот „фавипиравир“ (авиган), соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Се работи за итна неповратна помош преку Амбасадата на Јапонија наменет за земји погодени од ковид-19, во партнерство со УНОПС – Канцеларијата за проекти на ОН.
„Преку Амбасадата на Јапонија денеска го добивме лекот „Фавипиравир“. Добивме за 100 пациенти, а станува збор за антивирусна терапија која се користи за инфлуенцата и уште не е одобрен за Ковид-19, во тек се многу клинички испитувања, но досегашните искуства упатуваат на добри резултати во повеќе земји и за пациенти со Ковид-19“, рече Филипче и додаде дека за третман на пациент со „фавипиравир“ претходат испитувања и анализи.
Генеричките форми на овој лек веќе се одобрени во Русија и во Индија, а се користат и во други земји во светот како „офлејбл лек“, бидејќи за да биде дефинитивно потврдено нивното користење потребно е да завршат клиничките студии.
Но, како што рече Филипче, очигледно е дека има добри резултати кај пациентите во многу земји и затоа се пропишува по многубројни анализи на крвта.