Од нивните домови панорамски се гледа цело Кавадарци. Доаѓајќи во нивната населба се забележува градежна експанзија, нетипична за другите градови во местата каде живее ромското население. Раздвиженоста на улицата е голема, но, без преголеми оддалечувања.
Имам 68 години, а немам пензија. Имам четири операции, тромб во око, слепа сум. Хигиената се трудиме да ја оддржуваме, но, го ограничивме движењето. А пари нема. Само 3 000 денари давам за лекови. Маска носам, но почесто гледам да сум дома, бидејќи имам проблем со дишењето и ми пречи, низ солзи раскажува Мирадија Алимова.
Пандемијата од ковид-19 ги „заклучи“ овдешните Роми во нивните живеалишта. Тоа за нив во моментов е најголемиот предизвик – како да се преживее, немајќи можност да се заработува. Слична животна приказна има и Адија Алијес.
Имав преплет на цревата. Паралелно, боледувам од астма, имам шекер. Со една плата петчлено семејство преживуваме. Од друга страна, не излегуваме многи, се грижам за детето не го пуштаме во училиште поради ситуацијата, вели таа.
Во овдешните улици проблем со вода немаат. Но, дел од семејствата користат по едно купатило за да можат да се бањаат.
Петчлено семејство сме, во една соба живеат синот и снаата со децата, во друга просторија која не е затворена и без греење јас. Немаме тоалет и канализација. Немаме средства за хигиена. Како се заштитуваме? Еаце со сапун и шампон миеме, маски носиме, вели 57 годишната Сузана Сулејманова.
Водата е проблем и во домот на семејството Мечови.
Хигиена се бара, вода, условите ги немаме никако. За терапија ми помага татко ми, друг кој може ќе помогне. Мажот и детето не ми работат. Поради пандемијата не можеме да работиме, за здравјето да го заштитиш, мора препораките да се почитуваат, а ништо не ни помогаат. Еднаш донесоа донација на почеток на пандемијата, вода топлиме на шпорет, нема бојлер и вода, нема купатило, со казан, вели 35 годишната Шемса Мечова.
автор: Петар Клинчарски видео : Досие.мк