Короната може да го одложи пописот, но максимум до јуни

Ќе се разгледува можноста за одложување на пописот закажан за април, потврди премиерот Зоран Заев, прашан за предлогот на претседателот на државата Стево Пендаровски пребројувањето на населението да се спроведе во мај или во јуни, ако тоа го налага епидемиолошката состојба. Заев додава дека налето попис не може да се спроведува, а ги отфрли од игра и септември и октомври, кога би се одвивала кампањата за локалните избори.

– Подготвени сме да размислиме за одложување од еден месец до месец и половина, односно да завршиме некаде до средината на јуни, иако веќе гледам дека опозицијата таквата можност ја одби – изјави премиерот, коментирајќи и дека за ВМРО-ДПМНЕ е спорно што би се спроведувал попис во април поради ситуацијата со коронавирусот, а во исто време најавуваат собирање потписи за уривање на процесот.

Од опозициската партија соопштија дека предлогот на Пендаровски е задоцнет и бараат одржување на пописот во март 2022 година, потенцирајќи дека треба исклучиво да се спроведува по електронски пат. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој од Државната изборна комисија ја започна иницијативата за собирање потписи, истакна дека приоритет треба да биде здравјето на граѓаните.

– Ништо нема да промени доколку неколку месеци пописот биде одложен, наместо овој што е планиран во април 2021 година. Гледаме дека воопшто не се ни направени пописните тимови, ниту, пак, обучувачите на истите пописни тимови, имајќи ги предвид пандемиските услови во кои државата се наоѓа и невозможно е да бидат обучени, а притоа да биде заштитено практично здравјето на тие луѓе што ќе бидат дел од пописните тимови – изјави Мицкоски, порачувајќи дека единствено преку електронски попис, со вкрстување податоци од базите на институциите, ќе се оневозможи ризик врз здравјето на граѓаните.

На прашањето, пак, за начинот на кој ќе се спроведува пописот, и премиерот Заев и претседателот Пендаровски се на иста линија. Двајцата тврдат дека базите на податоци нема да ги дадат неопходните одговори. Според Заев, во нив не се содржат етничката или верската припадност на граѓаните, а според Пендаровски преку теренскиот пристап ќе се намалат сомнежите за злоупотреби.

извор: слободен печат

Total
0
Shares
Поврзани објави