Ми бараат пари за вода , за сметки кои сум ги платил пред 13 години

Јосиф Цветковски кој за dosie.com.mk ја раскажа својата мака со судовите и извршителите кои му ја зеле првата пензија , не завршил со маките и барањето правда. Деновиве тој е соочен со нова тужба и за неколку месеци и нови извршители. Од водовод му дошла опомена за плаќање сметки стари повеќе од една деценија.
“Ми испратија финасиска картичка на која пишува дека должам од 2004 година па до 2009 година односно за пет години вода и за цела 2017 година. Вкупниот долг кој го пресметале е 38 000 денари. Овие сметки се платени како повторно да плаќам?”, вели Цветковски.
Како и за проблемот со сметките од Топлификација заради што е блокиран од извршители, Цветковски има проблем и со водовод. Но тука сметките се платени за што има и документација. Пред седум години со налог од судот сите долгови биле покриени. На Цветковски не му е јасно како сега Водовод повторно му книжи долг за подмирен долг.
Бидејќи оваа опомена е стигната само пред неколку недели Цветковски допрва ќе тргне по адвокати и судови , да докаже дека сметките се платени. Но најмногу стравува од тромавата администрација заради која предметот може да му стигне и до извршител.
“Уште душата да ми ја земат. Со сопругата инвалид едвај се крпиме сега уште и ова да ни се случи. Верба во судовите пак немам ич, тие не упропастија ни пресудија неправедно, не само мене туку и неколку илјади други скопјани”, вели Цветковски.
Тој е еден од илјадниците граѓани со блокирани сметки или земени пари од сметка од извршители. Според податоците на Централен регистар извршителите во последните пет години имале вкупно 23 милиони евра чиста заработка. Владата во предизборната кампања најави дека ќе се намалат трошоците што граѓаните ги плаќаат на извршителите, бидејќи изминатите години, граѓаните постојано се жалеа на огромните суми што ги плаќаа за извршителите, дури и кога сметките им се блокираа за мали суми. Статистиката на Комората на извршители вели дека на подрачјето на основните судови Велес, Гевгелија, Кавадарци, Неготино се со најголем процент на реализирани извршни исправи, а најслаба реализација има на подрачјето на основните судови Гостивар и Кичево.

Total
0
Shares
Поврзани објави