Државниот просветен инспектор Ѓорѓи Илиевски бара од Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово да ги поништи одлуките за избор во наставно-научни звања на тројцата државни функционери, министерот за образование и наука Арбер Адеми, заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост, Сафет Емрули. Тоа го пишува и во решенијата испратени до тетовскиот универзитет, до кои дојдовме, пишува Fakulteti.mk
Илиевски за Факултети.мк објаснува дека записниците ги доставил до тетовскиот универзитет и ги примиле на 18 април, но решенијата кои се обврзувачки за универзитетот, со право на жалба до второстепена комисија, одбиваат да ги примат.
Во сите три решенија Илиевски, во согласност со неговите надлежности, практично му наредува на тетовскиот универзитет да постапи според неговите записници.
Во решението кое се однесува на министерот Арбер Адеми пишува:

Илиевски ја поништува донесената одлука бр.04-475/1 од 15.02.2017 година, на д-р Арбер Адеми за избор во наставно-научно звање доцент за предметите меѓународно приватно право, арбитражно право на Правниот факултет во Тетово.
Тој дава рок од 8 дена од денот на приемот на решението, да го известат просветниот инспектор за преземените мерки согласно член 31 став 5 од Законот за просветна инспекција.

ДУТ нема право да го одложи решението
Во решението за заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу пишува:
„Се поништува донесената Одлука бр.04-3820/1 од 03.11.2017 година, на доц. д-р Агим Нухиу за избор во наставно-научно звање вонреден професор по предметите граѓанско право, граѓанско процесно право на УТ-Правниот факултет во Тетово“.

Според Законот, ДУТ нема право да го одложи решението и мора да ја спроведе одлуката на инспекторот, но има право на жалба против неговото решение до второстепената комисија.
Тетовски универзитет не се изјаснил за неговите решенија, а за записниците на Илиевски се произнеле на 8 мај. Тој ни го покажа и овој документ.

– Инаку, сега со новиот Закон за високо образование експлицитно е регулирано дека може да се биде унапреден во звање ако има континуитет. По барање на самата странка може да се отвори конкурс за реизбор – ни изјави Адеми.
Во новиот Закон за високо образование, став 3 во членот 176 пишува:
„Времето за распишување на конкурсот од ставот (1) на овој член се продолжува за времето кое е поминато на породилно отсуство, боледување подолго од три месеци, како и мирување на работниот однос во случаи определени со Закон. На барање на лицето, рокот не мора да се продолжи“.

Минатата недела, како што објави Факултети.мк, просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски излезе со тврдење дека тројца државни функционери незаконски се стекнале со наставно-научни звања на тетовскиот универзитет бидејќи во тој период работните места им биле во мирување. Случајот го истражува и Државната комисија за спречување корупција, бидејќи Илиевски и таму поднел претставка.
целото истражување фотографиите и текстот се сопственост и превземени од fakulteti.mk