Качени на товарни вагони, но и пеш по македонските пруги и автопатишта, стотици мигранти секојдневно се обидуваат да ја поминат Македонија во нивниот пат кон земјите од западна Европа.
По неколкугодишното затишје, годинава напливот на бегалци од Блискиот исток е голем. Во првите шест месеци полицијата регистрирала 13 илјади обиди за илегално преминување, што е за речиси 20 отсто повеќе во однос на истиот период лани, известува 24 Вести.
Велешката хуманитарка Ленче Здравкин која често им помага на бегалците кои поминуваат покрај нејзината куќа со храна, облека и лекови, вели дека невообичаено многу мигранти поминуваат во летните месеци.
Со напливот на бегалци, зголемен е и шверцот на мигранти. Речиси 50 отсто повеќе случаи на криумчарење се регистрирани во првите шест месеци годинава во однос на истиот период лани. За една четвртина во однос на минатата година е зголемен и бројот на кривични прогони за овие дела. Само во јули, во 12 случаи, полицијата спречила шверц на 567 мигранти.
Од МВР велат дека заедно со силите на Фронтекс во кои учествуваат осум земји се врши засилен надзор на јужната граница.
„Согласно проценките и зголемениот прилив на мигранти за влез и транзит низ територијата на Северна Македонија, на сила е Одлука за прогласување на кризна состојба на подрачјето на јужната и северната граница, врз основа на која надлежните институции превземаат заеднички и координирани мерки и активности заради справување со новонастанатата состојба со што беше активиран системот за управување со кризи. Ова мерка овозможи покрај ресурсите на МВР со справувањето со мигрантската криза да се користат и ресурсите на други државни институции пред се на АРМ“, велат за 24 Вести од полиција.
Сепак, од МВР не одговорија дали внатрешната контрола испитува вмешаност на полицајци во шверцот со мигранти. Во недостиг на официјални информации, јавноста е се погласна дека без знаење на структури во полицијата, овој многу вносен нелегален бизнис е тешко изводлив. Р.Д.